Изменетиот текст речиси еден месец е заглавен во Собранието. Работите стојат статус кво од 6 февруари, откако Законот се стави на дневен ред на собраниската Комисија за економски односи. Расправата прекина по кусо време поради партиски препукувања. А до крајот на месецов измените на Законот не се ставени на дневен ред на ниту една комисиска седница.
Кои се причините за тоа? Портпаролот на Владата, Ивица Боцевски, вели дека обврските на Владата околу Законот завршиле со предавањето на измените, односно амандманите во Собранието.
Според пратеникот од ЛДП, Слободан Најдовски, и на пратениците не им се познати причините поради кои Законот го нема на дневен ред. Сепак, можно е, вели Најдовски, да се сменат работите и да се врати за расправа прекинатата седница од 6 февруари, со сите точки на дневен ред.
Инаку, надвор од 37 амандмани поднесени од Владата, ЛДП има поднесено 11 амандмани на Законот, а од повеќе други политички партии има уште 38. Најдовски смета дека предлозите од партиите воопшто и нема да бидат разгледувани и дека ќе биде оневозможена секаква расправа за нив поради бројноста на владините амандмани.
„Владата подготвила по еден амандман за секој член од Законот. Такво нешто не сум видел во досегашната собраниска работа. На закон со 38 члена да се поднесат 37 амандмани, тоа е без преседан и значи целосна промена на законскиот текст, односно дека треба да се подготви сосема нов закон“, вели тој.
Владата ги стокми амандманите по сугестија и забелешки на ЕУ откако владина делегација на чело со вицепремиерот Зоран Ставрески кон крајот на јануари беше на разговори во Брисел. Најголемите забелешки на ЕК беа дека со првичната верзија на Законот, на ЕЛЕМ му се даваше правото да биде и производител и продавач на струја по пазарни цени, што, според ЕК, ќе создадеше монопол на пазарот и е спротивно на европските директиви. Владата интервенираше со амандмани и сега, наместо ЕЛЕМ, нова трговска фирма што ќе ја формира државата, односно ЕЛЕМ, треба да се занимава со продажба на струја.
Извор: Утрински весник