Според Законот за спречувањето на корупцијата, избраните и именуваните функционери се должни во рок од 30 дена од престанокот на функцијата да достават анкетни листови со податоци за имотната состојба. Рокот за доставување на анкетните листови на поранешните пратеници почна да тече од 12 април, денот кога Собранието се самораспушти, а истече вчера. Против поранешните функционери што нема да достават извештај за имотната состојба, антикорупциската комисија ќе поднесе прекршочни пријави. Во анкетните листови тие треба да ги пријават недвижниот имот, подвижните предмети од поголема вредност, хартиите од вредност и друг имот во нивна или во сопственост на членови на нивните семејства со кои живеат во заедница. Антикорупциската комисија уште пред распуштањето на Собранието почнала да ги проверува податоците од анкетниот лист на пратеник од последниот собраниски состав, но не го соопштува неговото име. Како што дознаваме, тој е еден од „распуштените“ пратеници што меѓу првите доставиле анкетен лист по распишувањето на изборите. Поранешниот пратеник на ДПА, Даут Реџепи-Лека, лани во неомври беше осуден на казна од 10.000 денари бидејќи не доставил анкетен лист. Тетовскиот суд го казнил со казна под законски пропишаниот минимум. Законот за ова дело предвидува казна од 20.000 до 50.000 денари. По пресудата тој изјави за „Дневник“ дека анкетниот лист не го пополнил поради немарност и оти не е богат и немал што да крие. Имал само безвредна нива, а очекувал да наследи куќа од околу 300.000 евра и неколку ниви од околу 200.000 евра. Лека бараше да ја плати казната на рати, но се' уште не ја платил. Поранешните пратеници што се наоѓаат на листите на кандидати за избор на пратеници, ако бидат избрани на претстојните парламентарни избори, при стапувањето на функцијата ќе мора повторно да достават анкетни листови.
Извор: Дневник