Според пресметките на Владата, односно на ВМРО-ДПМНЕ, државата губи дневно по 137 илјади евра, или 50 милиони евра годишно, затоа што на ЕВН- ЕСМ му признава повеќе од 11 отсто технички загуби. Со измените во Законот за енергетика се дозволуваат само 11 проценти од техничките загуби на струја по пониска, регулирана цена од РКЕ, додека остатокот од загубите да се плаќаат по пазарна цена.
Инаку, загубите на струја на ЕВН-ЕСМ изнесуваат околу 24 отсто, од кои 11 отсто РКЕ ги признава како технички, додека остатокот е загуба на струја од кражби и пренос. Овој остаток се купува од државата, односно од ЕЛЕМ, по цена пониска од увозната. Со законските измени, количествата во износ на загуби, ЕВН- ЕСМ ќе ги купува на отворениот пазар.
Според експерти, власта треба уште еднаш добро да размисли дали е подобро да губи по 50 милиони евра годишно поради покривање на техничките загуби на ЕВН-ЕСМ, или е подготвена да плати многу повеќе пари доколку компанијата ја тужи државата пред меѓународните судови.
Во секоја држава енергетските компании прават технички загуби на струја, а некој европски просек е 11 отсто, но станува збор за економски здрави земји, каде што има развиена дистрибутивна мрежа, коментираат експерти. Прашањето на процентите не е решено со закон, туку со интерен договор меѓу компаниите и државата. Експерти додаваат дека, пред да носи законски измени, Владата требаше добро да ги измери работите и да се заштити од евентуална меѓународна тужба, односно од тоа да не ја снајде „втора ОКТА“.
Една од новините кои ги носи Законот е ЕЛЕМ да има право и да продава и да тргува со струја, што уште кон крајот на минатата година предизвика реакции во Брисел, поради опасноста од создавање монопол на пазарот кој никој нема да може да го контролира. Од Европската комисија инсистираа на средба со македонски претставници за да се расчистат дилемите и забелешките околу Законот за енергетика, направен според европски терк, а на кој се чека околу две години. Вицепремиерот Зоран Ставрески во јануари годинава во Брисел разговараше со претставници на Комисијата, по што беше кажано дека нивните забелешки ќе бидат вградени во текстот. Неофицијално, препораките на Комисијата не биле земени предвид ниту тогаш ниту сега, во најновата верзија за која парламент ќе расправа по трет пат деновиве.
Извор: Утрински весник