24.09.2008 Како да се изгради квалитетен систем на оценување на учениците со кој ќе се искоренат фиктивните оценки несоодветни на реалното знаење и вештини. Оваа негативна појава во македонскиот образовен систем е во тесна врска со корупцијата зашто истражувањата потврдуваат дека има случаи на купување високи оценки.
„Транспарентност – нулта корупција“ за овој проблем денеска организираше тркалезна маса на тема „Начин на следење, проверување и оценување“, на која претседателката Слаѓана Тасева посочи дека сите чинители вклучени во воспитно-образовниот сиситем, учениците, наставниците и родителите, треба да имаат изграден интегритет – норми и култура на однесување и етика, кои се критериуми за вистинска проверка и оценка на знаењето.
Но, во училиштата постои притисок и трка за оценки, амбициозни родители кои инсистираат на високи оценки што не го прикажуваат успехот кој ученикот го заслужува. – Петката е единствено добра оценка и тоа создава конфликти и непријатни ситуации. Имаме енормно висок процент на одлични ученици, наспроти фактот за нивната оптовареност, рече Горица Илиоска, директорка на скопската гимназија „Никола Карев“.
Ѓорѓи Николов од Министерството за образование и наука рече дека оценката заради оценка е импровизација и казна за ученикот, зашто современиот пазар на трудот и особено приватниот сектор бараат компетентност и знаења при вработувањето. Според него, оценувањето треба да биде и слика за квалитетот на учење.
– Тоа е процес кој не може бргу да се заврши, но со постојани напори може да се подобри и да се добие квалитетен систем на оценување, рече Николов. Еден од начините за подобрување на системот на оценување е тоа да има и информативна компонента што ќе укажува зошто некој ученик ја добил оценката, што научил, а што треба да донаучи, а на тој начин ќе им се даде одговор и на учениците незадоволни од вреднувањето.
Постојат и нереални оценувања на штета на учениците што зависи од односот ученик-наставник. – Ако некој професор зел на пик некој ученик, тогаш се знае што ќе му се случи кога ќе биде испрашан. Сепак, оценката е во наученото, иако слушаме и за случаи на купување оценки, изјави за медиумите Христина Антиќ, ученичка во средното економско-правно училиште „Арсени Јовков“.
Магдалена Трајковска од АСУЦ „Боро Петрушевски“ смета дека неправилното оценување е реалност. – Не постои вага на која може да се стави знаењето на ученикот и професорот да каже кој точно колку знае и според тоа да му стави оценка. Тоа секогаш ќе постои и сите петки никогаш нема да бидат на исто ниво, рече таа. Според неа, нема масовно купување петки поради стравот на наставниците од државната матура. – Професорите се плашат од државната матура и успехот од неа го гледаат и како свој успех. Повеќе гледаат на учениците да им дадат знаење отколку да ги наградат, додаде Трајковска.
Измените на законите за основно и средно предвидуваат стандардизирани национални тестови од Бирото за развој на образованието, со кои учениците ќе бидат тестирани на крајот на годината. Доколку на тестот добијат оценка која е за две оценки пониска од онаа што ја добиле од наставникот, оценката ќе им биде намалена, а наставникот ќе биде парично казнет. Ако има неколку повторувања на несоодветно оценување, наставникот може да се соочи со отпуштање од работа.
Извор: МИА