09.12.2008 Во Македонија е направено многу во однос на борбата против корупцијата. Донесени се добри закони и направени добри институции. Во оваа наредна фаза од борбата против корупцијата слабост ни е имплементацијата на законите.
Ова денеска на Светскиот ден за борба против корупцијата го изјави Слаѓана Тасева, претседателка на невладината „Транспарентност – Нулта Корупција“, која во соработка со У4 – Антикорупцискиот истражувачки центар од Норвешка организира работилница на тема „Градење на граѓанското општество за антикорупциски реформи во Македонија“.
– Институциите не функционираат онака како што е уредено во законите. Постои висок степен на политизација во нивната работа и воопшто во општеството, недостиг на соработка меѓу институциите и меѓу Владата и граѓанскиот сектор, недоволно вклучување на медиумите со она што значи истражувачко новинарство. Она што најмногу недостига е активизмот – граѓаните не се вклучени во оваа работа. Можеме се да правиме, но ако граѓаните не го разберат тоа и не реагираат кога ќе видат одредена неправилност или одредена незаконитост ние нема да постигнеме речиси ништо. Но, најголем дел од работата треба да ја завршат политичарите со тоа што ќе има политичка волја да се спроведуваат законите и да работат институциите, изјави Тасева.
Одредени актуелни настани, според неа, покажуваат дека сме се уште слаби во имплементацијата на законите. Тасева смета дека она што се случуваше со штрајкот во образованието е „навистина случај на корупција и оти тоа треба сериозно да се разгледува и од тој аспект“. – Не се почитуваат законите што сме ги донеле. Се избегнуваат обврските што произлегуваат од меѓународните документи да ги доуредиме законите, посебно сега зборувам за финансирањето на изборните кампањи и политичките партии бидејќи сега претстојат избори, вели Тасева.
Хрватскиот професор Јосип Крегар, кој важи за еден од предводниците на антикорупционерството на Балканот, посочи дека многу од мерките што беа преземени во изминативе години за борба против корупцијата во Хрватска и во Македонија не ги дадоа посакуваните ефекти. – Многу тела што настанаа не успеаја да се изборат за простор во јавноста и политиката. Но, евидентно е дека корупцијата стана политичка тема во нашите земји, изјави Крегар.
Политичарите, според него, избегнуваат да дадат јасни и точни одговори за корупциските скандали што ги имаат меѓу своите редови, избегнуваат или ја пропуштаат можноста за иницијативите што значат превенција на корупција, на пример финансирање на политичките партии или спречување конфликт на интереси. Тоа се, вели хрватскиот професор, моменти кога се тестира политичката волја.
Зборувајќи за состојбата во Македонија и Хрватска, професорот Крегар рече дека во двете земји има висок ризик од корупција поради приватизацијата, неефикасната демократизација, неслободните медиуми…
Извор : МИА