Вака оценуваат дел од познавачите на оваа област, според кои и покрај напредокот во судството што го констатира Европската комисија, сметаат дека не се ни оддалеку розови. Судството заедно со полицијата и борбата против криминалот и корупцијата беа апострофирани како една од посветлите точки во извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија.
– Ниту изборот на судиите се вреднува според објективни критериуми, ниту, пак, се зголеми професионалноста и етичноста на делителите на правдата. Се врши партизација спротивно на судската етика и се инсталираат судии без никаков критериум – вели Слаѓана Тасева, претседателка на „Транспарентност Македонија“.
Новоизбраните судии се врзуваат со актуелни имиња на антикорупционери, високи функционери во власта, како и роднински врски на сопруги на министри.
Опозицијата како еклатантен пример го посочува изборот на новиот претседател на Судскиот совет, Васил Грчев, кој не чекаше на иницијатива од своите колеги, туку самиот си се предложи за една од најмоќните функции во судството.
– Не е тајна дека токму Грчев, поради блискоста со актуелната владејачка гарнитура, без голема мака стаса до врвот на судската власт. Прескокнувајќи неколку скалила во судството, од градоначалничката фотелја во Струмица беше лансиран најпрво во Врховниот суд, а потоа и во Судскиот совет. Не е случајно ни тоа што Грчев немаше противкандидат, дури ни формален – обвинува опозицијата.
Судија, кој сакаше да остане анонимен, ни посочи дека во владини кабинети се прават „црни листи“ на судии кои се поврзуваат со претходната владејачка гарнитура, а сето тоа го зголемува чувството на несигурност во фелата.
На жестоки критики на јавноста беше изложен Судскиот совет кога ова тело се оглуши на критиките од стручната јавност и надвор од законот му го продолжи мандатот на својот прв човек за уште една година, иако поранешниот претседател Бекир Исени ги исполнуваше сите услови за пензионирање.
– Партизацијата оди дотаму што очигледно тактизира и Судскиот совет, кој сега не избира ни судии чекајќи да завршат изборите – вели професорот по Уставно право и политички систем, Осман Кадриу.
Тој посочува дека Судскиот совет не смее да каже такво нешто, бидејќи на тој начин признава дека не е независен орган како што би требало да биде. Според Кадриу, последните случувања во судството, околу Судскиот совет, начинот на изборот на членовите и неговите надлежности и за советот на обвинители, сериозно треба најитно да се преиспитаат уставните решенија за судската власт во земјава.
Извор: Шпиц