24.04.2009 Партиските извештаи за финансирањето на изборната кампања се нереални и не го покажуваат вистинскиот извор на пари, туку се подготвени само колку да се задоволи законската обврска, предупредуваат експертите. Според нив, партиите пак избегнуваат да ги откријат своите вистински финансиери, туку извештаите ги пополнуваат користејќи ги „законските дупки“.
Според партиските извештаи што партиите ги доставија до Државната изборна комисија, ВМРО-ДПМНЕ потрошила над 1,1 милион евра иако од донации собрала над 3,3 милиони евра. СДСМ влегла во долг од околу 100 илјади евра, бидејќи од донации собрала само 43 илјади евра. Според извештаите што и двете партии ги даваат за медиумското рекламирање, неколку приватни телевизии преку попусти поголеми и од неколку милиони евра, всушност, ја финансирале нивната кампања.
Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини вели дека е невозможно владејачката партија преку 226 донатори да собере над три милиони евра. Според него, ВМРО-ДПМНЕ само ги искористила законските пропусти и го „моделирала“ извештајот.
– Партијата на власт може да собере толку пари само ако претходно на истите им подели пет милиони евра, па потоа донаторите, поединечно да ги уплаќаат, односно да ги враќаат на сметката на партијата. Сите знаеме дека никој не дава ни еден денар, ако претходно не примил или ако не знае дека по изборите по разни основи ќе ги врати и неколкупати. Само УЈП може да утврди од каде се парите. Но, јас не очекувам дека ќе се идентификуваат вистинските донатори, бидејќи тоа не е во интерес ниту на бизнисмените ниту на партиите – вели Хајредини.
Тој додава дека има повеќе начини врз основа на кои власта може да се оддолжи за парите што ги добила во текот на кампањата, само што тоа ќе биде со парите на граѓаните, преку државниот буџет. Од Управата за јавни приходи ни изјавија дека нивниот коментар ќе го дадат кога ќе заврши увидот во сметките на политичките партии.
Слаѓана Тасева од „Транспарентност – Нулта корупција“, уште пред почетокот на изборната кампања, предупреди дека е клучно да се провери потеклото на парите на секој донатор. Според неа, ако не се проверат парите на овој начин, постојат многу можности за финансиски малверзации.
Според Изборниот законик, политичките партии имаат обврска финансиските извештаи покрај до ДИК, да ги достават и до УЈП, Антикорупциската комисија, Државниот завод за ревизија и до Собранието. Иако ревизорите се' уште не ги разгледале извештаите од предвремените парламентарни избори што се одржаа во јуни минатата година, најавуваат дека за најмногу еден месец ќе ги разгледуваат и извештаите и за претседателските и за локалните избори.Иако за претходните избори ДИК не ја разгледуваше содржината на партиските извештаи, претседателот Александар Новаковски најавува дека оваа година Комисијата целосно ќе ги проучува извештаите.
– Сепак, според Законот, ревизорите треба да ја направат вистинската контрола на извештаите. Резултатите потоа ги испраќаат до нас, па ние можеме да поведеме прекршочна, па и кривична постапка против некој субјект – вели Новаковски.