11.07.2009 Каква било комуникација меѓу судија и претставник на извршната власт е недозволива, реагира експертската јавност откако пред неколку дена премиерот Никола Груевски и претседателот на Апелацискиот суд Јордан Митриновски одржаа работна средба. Настанот предизвика реакции во судската јавност бидејќи станува збор за преседан. Јавноста досега не памети дека премиерот свикал на состанок друг судија, туку тоа веќе втора година по ред го прави само со претседателот на Апелацискиот суд Јордан Митриновски. И од Кабинетот на премиерот и Митриновски ја потврдија средбата и излегоа со иста изјава – дека зборувале за судските реформи, за законските акти, а размениле и мислења за буџетот.
– Претседателот на Владата во никој случај не смее да комуницира со судии или, пак, со претседател на суд. Со самиот факт што овој случај веднаш предизвикува сомневање, јасно е дека станува збор за мешање во работата на судската власт. Поделбата на властите е направена само поради судската власт, за да нема никакво мешање на политиката во судството. Се знае како треба да се одвива таа комуникација – преку Министерството за правда или преку Судскиот совет. И тие средби се дискутабилни, но средбите меѓу премиер и претседател на суд се недозволиви. Неизбежен е заклучокот дека останува проблемот како да го заштитиме судството од преостанатите власти – вели Љупчо Арнаудовски, професор по кривично право и поранешен член на Судскиот совет.
Тој вели дека додека бил член на советот, реагирале на секој обид на мешање на извршната во судската власт.
– Реагиравме веднаш, не чекавме, туку средбите ги одбивавме – вели тој.
Сличен став има Слаѓана Тасева, претседателка на невладината „Нулта корупција“.
– Станува збор за мошне невообичаен случај. Комуникацијата меѓу извршната и судската власт треба да се одвива исклучиво преку Врховниот суд, Министерството за правда и Судскиот совет. Тој протокол мора да се почитува. Не ја знам темата на разговорот меѓу премиерот и претседателот на судот и затоа не можам да тврдам дека станува збор за мешање на властите, но сепак можам да кажам дека таквата комуникација е невообичаена. И едниот и другиот треба детално да објаснат која била целта на средбата, бидејќи јас како граѓанин сакам да видам дека навистина постои поделба кај властите – вели Тасева.
И покрај големиот број шпекулации што се отворија во јавноста за темата на разговор меѓу Груевски и Митриновски, од Владата тврдат дека премиерот сакал да слушне за проблемите во судството токму од практичарите. Но, сепак, останува нејасно зошто средбата, веќе втора година по ред, ја остварува токму со Митриновски – човекот што доби негативна оцена од Врховниот суд за својата работа, а припаѓаше на различен табор со Филимена Маневска, поранешна судијка во истиот суд и сопруга на министерот за правда Маневски.
Апелацискиот суд во Скопје во наредниов период треба да постапува по повеќе жалби за големи случаи: предметот против бившиот министер за одбрана Владо Бучковски, спорот ЕЛЕМ-ЕВН, предметот „Тајвански кредити“, каде што обвинет е Васил Тупурковски, како и случајот со поранешниот гувернер на Народната банка на Македонија Љубе Трпески. Нашите извори велат дека една од темите што била зачната на работната средба бил токму предметот ЕЛЕМ-ЕВН, откако првостепениот суд пресуди во корист на ЕЛЕМ. За случајот реагираше меѓународната јавност, невладините организации, а оттогаш зачестија и критиките кон македонското судство. Нашите извори велат дека токму текот на понатамошните настани ќе ја обелодени и темата на разговор меѓу премиерот и претседателот на второстепениот суд.
Извор : Нова Македонија