26.08.2009 Уплата на приватна жиро-сметка на професорот, плаќање на рака на негови блиски пријатели или негови асистенти, уплата во пошта или во банка со уплатница, на која пишува дека целта за која се уплаќаат парите е „донација за книга“… Ова се само некои од начините на кои студенти купуваат испити. Студенти што не сакаат да биде објавен нивниот идентитет ни зборуваа за ценовниците, за тоа колку ги чинеле испитите, како плаќале за нив. Но се плашат да ги кажат имињата на професорите, а уште повеќе да ги пријават во Министерството за внатрешни работи (МВР).
Тие самите признаваат: „Ние не сме жртви, еднакво сме одговорни за коруптивните дела колку што се и професорите и нивните посредници“.
Разговаравме со Александар, студент во втора година на Економскиот факултет. Кога видел дека за еден неположен испит има шанси да ја загуби годината, решил да се распраша дали може да му плати на професорот за да добие преодна оценка.
– Од студенти разбрав дека цените за испит на мојот факултет се движат од 600 до 1.000 евра. Мојот испит ме чинеше 700 евра, но морав да платам само преку пријатели на професорот. Успеав да дојдам до нив преку други студенти. Се договоривме да се сретнеме во едно кафуле во центарот на градот. Се видовме, им ги дадов парите на рака, а тие ми рекоа да сметам дека веќе имам положено. Така и беше, за неколку дена добив 7-ка во индексот – раскажува Александар.
Тој ни кажа за кој предмет станува збор, ни го откри и името на професорот, но инсистираше да не го објавуваме.
– Сега сум втора година, сé уште сум студент на факултетот. Се плашам дека ако кажам кој е тој или ако го пријавам во надлежните институции, ќе се погрижи никогаш да не стигнам до диплома. Тој важи за моќен и влијателен професор – вели Александар.
Два испита кај еден професор ме Чинеа 2.000 евра
На Економскиот факултет затекнавме уште еден студент што тврди дека за да положи два испита кај еден професор платил 2.000 евра. Преку пријатели блиски на професорот, исто како и во претходниот случај.
– Тоа се случи лани во септември. Неколку пати ги полагав двата испита кај ист професор и не успеав да ги положам. Почнав да барам полесен начин да стигнам до оценка. Мој колега му е роднина на професорот, му понудив да платам. Парите му ги дадов нему и веќе следната сесија ги положив испитите – вели студент што сакаше да остане анонимен.
Мито се прима со уплата на приватна жиро-сметка на професорот. Во уплатницата, на местото каде што пишува за што се уплаќаат парите, студентот пишува дека ги донира за книга што професорот наводно планира да ја објави.
Овој начин на плаќање за испит е хит веќе неколку години и тоа е практично легална корупција, коментираат студентите.
– На Машинскиот факултет цените за испит се движат од 400 до 800 евра. Заглавив со еден испит, за кој дознав дека положување ќе ме чини 600 евра. Ги уплатив парите, а на уплатницата напишав дека ги донирам за книга – раскажува Милан, студент во трета година на овој факултет.
Студенти на Правниот факултет велат дека професорите ги условуваат да ги купат нивните книги за да го положат испитот.
– Професорите имаат легитимно право да продаваат книги чии автори се тие, но корупција е кога ги условуваат студентите да ја купат книгата за да добијат преодна оценка или да го добијат потребниот број поени – велат претставници на невладините организации.
Лазар Поп Иванов од невладината Младински образовен форум (МОФ) вели дека процесот на купување книги не треба да биде поврзан со положување на предметот.
Професорите повеЌе ризикуваат
Кривично дело е ако некој изнуди пари. Затоа студентите гледаат добро да се информираат пред да се одлучат да платат за испит, вели Владимир Петрушевски, професор на Институтот по хемија на Природно-математичкиот факултет (ПМФ).
– Тоа е игра во која се вплеткани многу луѓе. Ниту еден студент нема да му појде в канцеларија на професорот и да му рече „Сакаш ли ти 500 евра?“. На нашиот факултет има корумпирани професори, ама не е тоа толку масовна појава. Пред неколку години имаше професор за кој сите знаевме дека изнудува пари од студентите. Многу е лошо кога знаете дека имате криминалец околу себе, сите знаат за тоа, а никој ништо не му може зашто никој нема доказ врз основа на кој може да го обвини – вели Петрушевски.
За разлика од кај нас, ако некој пријави мито на американските универзитети, веднаш добива отказ од работа, додава Петрушевски.
– Конкретно ќе ви кажам како е на факултетите во Вирџинија. Ако студент пријави професор кај шефот на департментот дека одреден професор се обидел да изнуди пари, ништо не се случува. Ако сличен таков случај пријави и втор студент за истиот професор, повторно ништо никој не презема. Но ако тоа се случи и третпат, професорот веднаш добива отказ, без разлика што никој нема доказ за обвинувањето. Не дозволуваат таквите професори да го рушат угледот на факултетот – вели тој.
Мито се пријавува само анонимно
Неколку студенти од Правниот, Економскиот и Факултетот за физичка култура пријавија дека професори изнудиле поткуп од нив, но не сакаа да дадат изјава во која мора да стои нивно име и презиме, вели Самоил Малчески, претседател на Студентскиот парламент на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (СПУКМ). Во парламентот веќе една година функционира телефонскиот број 3223 024 на кој студентите можат да ги пријавуваат ваквите случаи.
– Тие немаат храброст да ги кажат своите имиња во изјавите, туку само кажуваат кај кој професор колку пари платиле. Врз основа на тоа, не можеме да им помогнеме. Сметам дека мора повеќе да се охрабрат и гласно да зборуваат за проблемите што ги имаат – вели Малчески.
Дека речиси никој нема смелост да го пријави професорот што зел мито, зборуваат и државните просветни инспектори во Министерството за образование и наука (МОН).
– Имало случаи кога студенти се жалеле дека морале да му платат на рака на професорот што продавал книги. Сме им укажале за ваквите случаи на деканите. Тие почнаа да донесуваат интерни правилници со кои се забранува ваквата продажба и на тоа остана. Сметам дека корупцијата може да се намали, но не и да се искорени. Мораат студентите да бидат посмели и да ги пријавуваат уцените – вели Весна Таневска, инспекторка за високо образование во Министерството.
И во МОН се пријавува корупција на телефонскиот број 3106 529. Но надлежните пред извесно време информираа дека никој не се јавил да пријави корупција.
За пет години, тројца професори-митаџии завршиле во затвор
МВР изминатите пет години открило четворица професори на неколку факултети низ државава што побарале и примиле пари од студенти за да им пишат преодни оценки во нивните индекси.
Безмалку сите професори беа уапсени, откако студентите што се нашле на нивниот список собрале храброст и решиле да ја информираат полицијата.
Најсвеж е случајот што кон крајот на април оваа година го стресе деканатот на филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, кога Љупчо Стефановски, професор на катедрата за англиска книжевност, како што соопшти МВР, беше фатен со 600 евра мито што ги побарал од своја студентка. Обележаните банкноти што студентката ги добила по пријавата на случајот беа најдени при претрес на неговиот кабинет.
Против Стефановски полицијата поднесе кривична пријава за примање поткуп, но засега нема информации од обвинителството дали пријавата е прифатена и дали е закажан почетокот на евентуалниот судски просец против професорот.
Во 2005 г. за примање мито од 500 евра полицијата го уапси Васил Дрвошанов, професор на Педагошкиот факултет во Скопје, кој наредната година беше осуден и одлежа една година затворска казна.
Две години подоцна со затворски казни се соочија и двајца професори на Педагошкиот факултет во Штип и на Техничкиот факултет во Битола.
Професорот на штипскиот факултет Ванчо Колев-Жан беше осуден на девет месеци затвор оти примил 200 евра за да напише преодна оценка, а неговиот битолски колега Благој Павлов, кој примил 900 евра мито и понудил да влијае на двајца други професори, судот исто така го казни со неколкумесечен затвор.
Во 2006 и 2008 година не биле регистрирани случаи на поткуп во високото образование.
Извор: Нова Македонија