– Законот воведува обврска извештаите, донациите и завршните сметки да се објавуваат во дневни весници. Бидејќи знаеме колку чини објавувањето во весниците, ние предлагаме да не се обврзуваат партиите да ги објавуваат во печатените медиуми, туку на веб-страницата на партијата и евентуално во „Службен весник“, каде тоа не би се наплатувало – рече Кире Бузлиев од Либералната партија.
Според него, голем проблем претставува и незаконската распределба на парите во согласност со изборите во делот на добиените мандати во коалиција, како и распределбата на парите што се предвидени во согласност со Законот за редовно и тековно работење на партиите.
Петар Бочваров од Обединети за Македонија истакна дека најголемите злоупотреби се прават кај услугите што ги даваат медиумите. Тој побара да се утврди што е пазарна цена на политичкото рекламирање. Беше констатирано дека единиците на локална самоуправа не им ги исплаќаат средствата на партиите, што стои како обврска од учеството на локалните избори, односно за освоените советнички места.
Законот како дел од условите за добивање позитивен извештај од Европската комисија беше усвоен ова лето, во кој се предвидени глоби за партиите во износ од 2.500 до 5.000 евра доколку не ги објават годишните финансиски извештаи на своите интернет-страници и најмалку во еден од дневните весници.
Извештаите треба да содржат податоци за вкупните приходи и расходи, вкупни донации, односно подароци, прилози, дотации, пари, материјални средства, опрема, услуги и друго, членарина и сопствени приходи.
– Намалени се вредностите на донациите од правните и физичките лица од 200 на 150, или од 100 на 75, меѓутоа Законот предвидува обврска во рок од 15 дена, доколку е уплатена донација што е повисока од предвидената со Законот, разликата од дозволената донација да му се врати на донаторот. Или ако е уплатена донација за која не може да се утврди донаторот, таа донација треба да се префрли веднаш во рок од 15 дена во буџетот на РМ – истакна Маневски.
Извор: Нова Македонија