Кога пред две години беше промовиран новиот Управен суд, од Врховниот суд беа преземени дури 7.000 управни предмети, и власта тоа пред домашната и меѓународната јавност го претстави како еден од најкрупните чекори во реформите.
Уставниот суд донел решение за укинување на одредбата од Законот за управните спорови, кој предвидуваше дека одлуките на Управниот суд се конечни.
"Творецот на Законот изумил дека, според амандман 21 од Уставот на Македонија, на граѓанинот му е загарантирано правото на жалба против првостепени судски одлуки. А такви се и одлуките на Управниот суд. Оставена е работата само на пресуди од прв степен. Бидејќи друг управен суд од втор степен не постои во државата, одлучено е жалбената постапка да се врати во Врховниот суд", ја објаснуваат одлуката во Уставниот суд на Македонија.
Укинатата одредба, всушност, предвидувала граѓанинот да може да поднесе жалба до повисок суд само за пресуди на јавни седници. Но ниту една од седниците на Управниот суд досега не била јавна што, според експертите, свесно се правела блокада за да не може потоа граѓаните да се жалат.
"Сега има двостепеност и за јавни и за нејавни седници на Управниот суд. Попрецизно, укинувањето на одредбата е зашто, според амандман 21 од Уставот на Македонија, на граѓанинот му е загарантирано правото на жалба против првостепени судски одлуки. А такви се и одлуките на Управниот суд", објаснуваат во Уставниот суд. Оттаму додаваат дека одлуката нема ретроактивно дејство и важи од пред две недели, т.е. од објавувањето во "Службен весник". Пресудите на тие што изгубиле пред Управен суд, во меѓувреме, се конечни и за нив нема жалби.
Според мислењата на експертите, има неколку можности да се обезбеди жалбена постапка во управните постапки. "Досега можело, но не се формирал апелационен управен суд, можело да се формира виш управен суд, можело да се формираат петочлени совети на судии во рамките на Управниот суд, па тие да одлучуваат по жалба, а можело да се формира и специјално одделение во Врховниот суд каде што ќе тече жалбената постапка, а никако да им се скрати тоа уставно право на граѓаните", предлагаат соговорниците.
Министерот за правда Михајло Маневски отворањето на Управниот суд го промовираше како најголемото олеснување за граѓаните и уште го бележи како свое најголемо остварување.
С. К. Делевска
Министерство за правда: "Нe престаса Уставниот суд"
Во Министерството за правда велат дека една година формирана работна група со експерти разговарала за фалинките на Законот за управните спорови и оти до крајот на годината овој системски закон ќе претрпи измени. Главни измени се предвидувале токму за јавноста на седниците во Управниот суд и кај правото на жалба на граѓаните.
"Точките кои треба да претрпат измени се лоцирани, а Уставниот суд веќе одлучи за некои од тие недостатоци", велат во Министерството.
Од таму уверуваат дека за два месеца ќе се најде чаре за жалбената постапка, дека Врховниот суд е само преодно решение и оти за толкав кус период тој не може одново да се затрупа со управни предмети.
Извор: Вест