– Отсекогаш сум тврдел дека само зголемувањето на платите на судиите во ниту еден случај не значи дека ќе се намали корупцијата. Сепак, во конвенциите за независно судство стои дека тоа е една од мерките за спречување корупција. Меѓутоа, доколку е некој склон кон коруптивни дејства, сосема ирелевантно е колкава е неговата плата. Токму затоа, судиите треба да работат на свеста. Платата дава сигурност, но тоа не значи дека судијата нема да потпадне под влијание при донесувањето на одредена пресуда – смета Агим Мифтари, врховен судија во пензија. На собраниската комисија, додека се расправаше за платите на членовите на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители, жестоко реагираа претставници од опозициските партии. Владо Бучковски од СДСМ вели дека судиите несомнено треба да имаат поголеми плати, но дека во случајов се направени големи законски пропусти. – Мојот генерален став е дека вработените во судскиот систем треба да имаат поголеми плати и тоа треба да биде еден вид брана во борбата против корупцијата. Но, во случај кога некој е подложен на коруптивни дејства, тогаш платата нема да го спречи да го направи тоа што го замислил. Друго е прашањето за издржаноста на оваа одлука, бидејќи сега со новите измени, членовите на Судскиот совет ќе земаат поголеми плати од претседателот на Врховниот суд. Од друга страна, пак, членовите на Советот на јавни обвинители ќе бидат повеќе платени од самиот Државен јавен обвинител. Брзајќи да се донесат што повеќе нови закони, отстапуваме од препораките кои предвидуваат зголемувањето на платите да се одвива пропорционално – вели Бучковски. Роза Топузовска – Каревска од ЛДП пак реагира дека незаслужено се наградува фелата, која секојдневно добива критики од меѓународната заедница за партизираност и за корумпираност. Факт е дека во европските држави судиите и вработените во судскиот систем се едни од најплатените, но колку тоа придонесува за судскиот систем да стане поефикасен и поажурен, останува отворено како прашање. – Судиите ги добија сите можни привилегии кои им овозможуваат независност. Не ги избира повеќе Собранието, добија повисоки плати и сега останува самите да се изборат за својот углед и позиции. Зголемувањето на платите во одредена мера придонесува да се намали корупцијата, но не е единствен и најважен услов за тоа – вели Никола Матовски, професор по кривично право. Предлог законот за зголемување на платите во судскиот систем во текот на неделава се разгледува во комисиите во Собранието, по што предлогот ќе се стави на седница на дневен ред на Собранието.
Извор: Нова Македонија
|
|