„Во Македонија не се почитува правото на судење во разумен рок. Токму од таа причина од 2008 година постои правно средство со кое на граѓаните им се гарантира ова право. Голем дел од барањата поднесени до Врховниот суд се уважени, а на граѓаните што ја поднеле жалбата и притоа им била уважена имаат право на надоместок“, вели Јово Вангеловски, претседател на Врховниот суд. Според него, практиката на, како што вели, лежерно работење на судовите и создавање баласт од предмети што се решаваат со години се надминува. Последниве години бројот на старите предмети е драстично намален, како и вкупниот број предмети што се во работа во македонските судови.
Но, според Врховниот суд, што значи судење во разумен рок и како би се проценило дали некоја постапка се одвива непристојно долго? Вангеловски вели дека освен во некои специфични постапки каде што со закон е стриктно определен рокот за завршување на постапките, во повеќето постапки разумен рок е прашање на процена која ја донесуваат судиите на Врховниот суд во Македонија, според примерот на судиите во Стразбур.
„Во однос на нашава земја, споредено со вкупната бројка на досега поднесени жалби, најголем број од предметите се однесуваат токму на неразумно долгото траење на постапките. На пример, од 278 предмети колку што во овој момент чекаат на одлучување пред судот, 170 се однесуваат на долгото траење на постапките или околу 60 отсто од вкупниот број предмети што се однесуваат на должината на постапките“, истакна Мирјана Лазарова- Трајковска, судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Во текот на оваа година овој Суд преку предметите во Македонија следел како се спроведува и како се практикува правото на поднесување жалба до Врховниот суд од страна на граѓаните, но се’ уште нема донесено оцена во однос на неговата ефикасност.
Меѓутоа, генерално земено, долгото траење на постапките е проблем во многу европски земји. Во некои веќе постојат правни лекови за кои Судот во Стразбур ги оценил како ефикасни правни лекови, како што тоа е пример во Хрватска и во Словенија. Според Хозе Казадевал, судија во Европскиот суд, вели дека примената на член 6 од Конвенцијата, без разлика дали станува збор за граѓански, административен или кривичен процес ќе биде правичен доколку тој биде спроведен во нормален рок.
„Државата е таа која го организира судскиот систем и, исто така, е одговорна да ја спроведе правдата. Гледате дека овој проблем се реперкуира и во вашата земја. Европското искуство покажува дека Италија беше една специфична земја во однос на ова прашање, бидејќи имаше голем број постапки кои траеле од 15 до 20 дури и повеќе години“, вели европскиот судија Казадевал. Според него, многу поинаква е состојбата со Шпанија, Германија Белгија, Швајцарија, Холандија и со нордиските земји од каде што има многу мал број жалби на граѓани во однос на прашањето на судење во разумен рок.
Извор: Утрински весник