03.02.2010 Македонското јавно мислење во моментов не е подготвено да прифати било каков компромис со Грција во врска со промена на уставното име.
Ова го покажува најновата анкета на агенцијата Рејтинг направена за потребите на невладината Транспарентност-Нулта корупција.
Анкетата покажува дека етничките Македонци стравуваат бидејќи промената на името може да доведе и до загрозување на македонскиот национален идентитет.
Најголемиот дел од Албанците пак се со став дека треба да се прифати промена на името како услов за прием на земјава во ЕУ и НАТО.
Испитаниците опфатени со анкетата одговориле вкупно на шест други прашања од кои произлегува впечатокот дека Македонците се песимисти во однос на прашањето дека брзо ќе се најде решение за името.
Околу 56 отсто од испитаниците не веруваат дека спорот ќе се реши во наредните шест месеци, додека 31 отсто веруваат, 12 проценти биле воздржани.
На прашањето дали знаат која е црвената линија на Македонија во спорот, што ја потенцира Владата на премиерот Никола Груевски, 62 отсто одговориле дека не ја знаат, наспроти 33 отсто кои рекле дека ја знаат.
На најголемиот дел од испитаниците или 68 отсто им е јасно што бара Грција од Македонија во спорот, додека 32 отсто не знаат.
Околу 51 отсто од Македонците би прифатиле промена на името, доколку остане загарантиран Македонскиот национален идентитет, наспроти 46 проценти кои не би прифатиле и три отсто биле воздржани.
Половина од испитаниците или 50 отсто веруваат дека промената на името ќе доведе до промена на националниот идентитет наспроти 44 отсто кои не веруваат.
Инаку, во анкетата учествувале 400 испитаници.
Со оглед на ваквите резултати претседателката на Транспарентност НК, Слаѓана Тасева рече дека процесот на преговори за името не е доволно транспарентен и треба да се работи на начин кој ќе обезбеди поголем интегритет и достоинство на граѓаните.
Извор: Макфакс