„Студија за интегритетот и отпорот кон корупцијата во судските системи“, која ја координираше романската филијала на „Транспаренси интернешнел“, беше презенетирана неодамна во Букурешт. Таа се заснова врз разговори со професионалците од секторот во Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Македонија, Молдавија, Бугарија, Црна Гора, Романија и Србија.
Во Македонија во анкетата не учествувале судиите. Според одговорите што ги дале обвинителите и полициските функционери, македонскиот судски систем е независен. Само 22 отсто од испитаниците рекле дека независноста не е на завидно ниво. Сепак, 17 проценти од обвинителите и 62 отсто од полициските функционери рекле дека забележале обиди за притисок во случаите на корупција, а 41 отсто обвинители и 62 отсто полицајци биле лично соочени со таква ситуација.
Обвинителите велат дека најголемиот притисок доаѓа од Министерството за внатрешни работи – во 41 отсто случаи, од Министерството за правда – во 24 отсто случаи и од медиумите – во 14 отсто случаи. Полицајците, пак, сметаат дека притисокот е најголем од претставниците на меѓународните институции во земјата – 31 отсто, од високите полициски функционери – 31 отсто и од членовите на парламентот во дури 23 отсто случаи.
Во Босна и Херцеговина судството се перцепира во голема мера независно од страна на тие што во него работат. Вакво мислење искажале 86 отсто од судиите, 71 отсто од обвинителите и четвртина од полицајците. Ова е спротивно на предупредувањата што до Босна ги испраќаат телата кои се борат против корупцијата.
Албанија е уште едно место каде што судските оперативци за својот судски систем имаат повисоко мислење отколку надворешните набљудувачи и јавноста. Само 4 отсто од албанските професионалци сметаат дека на нивното судство му недостига независност.
Помеѓу судските професионалци во Бугарија и Романија преовладува критичност кон системските проблеми. Само овие две земји од регионот се членки на ЕУ. Судиите, обвинителите и полицајците во овие земји се посвесни за проблемите во судството, отколку нивните колеги во Србија, Албанија или Босна и Херцеговина.
Голема е разликата помеѓу перцепцијата за судството што ја имаат локалните актери и дневното функционирање на системите, заклучува Виктор Алистарм, извршен директор на „Транспаренси интернешнел“ -Романија, кој е координатор на студијата. Според него, случаите на корупција помеѓу повисоките ешалони на власта се’ уште колебливо се процесуираат. Тој сепак гледа охрабрувачки напредок. „Од аспект на законодавството, Романија најдобро напредува од сите други земји опфатени со студијата затоа што оваа земја одамна презеде значајни чекори. И Србија избива на чело, откако пролетва беа усвоени серија реформи и закони“, вели Алистар.
Тој тврди дека студијата дава преоптимистичка слика на судството во регионот. „Притисоците и од ЕУ и од јавноста се намалени“, тврди тој и заклучува дека патот до независност ќе биде долг, но дека на крајот од тунелот се гледа светлина.
Извор: Дневник