Се подмачкува од лулка до гроб. На Балканот корупцијата цвета подобро од кога и да е порано! „Законот на давање и примање“ е општо прифатен во сите слоеви на општеството. Вака неодамна дописникот на германската агенција ДПА ги воведува читателите во својот опширен текст, во кој ги опишува размерите на корупцијата во неколку земји од регионот: од Хрватска и Србија до Романија или Бугарија. За среќа или за несреќа, нашата земја не беше вклучена во анализата и само попатно се споменува на балканската „корупциска мапа“. Домашните познавачи на оваа материја, пак, тврдат дека Македонија не само што не е исклучок туку во некои сегменти дури и стои полошо отколку Србија, Хрватска, Романија или Бугарија.
„Македонија сериозно назадува на планот на борбата против корупцијата и се плашам дека во наредниот извештај тешко дека ќе го задржиме сегашното 71. место“, вели д-р Слаѓана Тасева, претседател на невладината „Транспарентност-нулта корупција“ и поранешен прв човек на Антикорупциската комисија. Таа вели дека борбата против корупцијата е само на хартија, сведена на форма, шминка, бидејќи донесуваме закони, но не ги спроведуваме. Како пример таа наведува дека донесовме закон за слободен пристап до информации, а имаме најнетранспарентна влада и институции.
Песимистичките прогнози Тасева ги темели врз своите согледувања, но и од анализа на вкупните состојби во државата на планот на борбата против корупцијата. Таа смета дека Македонија не само што не се разликува од земјите од опкружувањето туку во некои сегменти дури стои полошо, особено во политичкото одлучување, финансирање на политички партии.
„Не се разликуваме многу ни во корупцијата во здравството и образованието, само што кај нас тоа тешко се докажува. Досега не видовме ниту една акција во која ќе се прикажат реално состојбите во образованието. Студентите не пријавуваат корупција на телефонските линии што се отворени, бидејќи се плашат дека нема никогаш да положат или, пак, досегашниот начин им е полесен за да ги положат испитите“, потенцира д-р Тасева. Таа вели – како да се нарече она што се случува на приватните универзитети – освен корупција, бидејќи сопствениците на високообразовните институции не ги интересира квалитетот на образованието, туку само за добивање дипломи.
Тасева не се согласува со тезите дека балканската почва е посебно подложна на корупција и дека станува збор за традиција. Причините ги лоцира во долготрајната транзицијата и во преминот од планско во пазарно стопанство, кога се создадоа моќна финансиска олигархија и политичка елита.
„Сите сме ние нивни заробеници. Обичните граѓани, медиумите, институциите. Немаме класична поделба на власта, бидејќи сите одлуки се донесуваат од еден политички центар и се’ е концентрирано во рацете на мал број луѓе. Ваквата состојба се рефлектира и врз судството, медиумите, функционирањето на администрацијата.
Поранешниот висок функционер на власта, Ване Цветанов, од позиција на прв човек на Дирекцијата за перење пари неодамна изнесе сериозни обвинувања на сметка на Владата. Во драматичното соопштение до јавноста издадено по повод неговата оставка, тој тврдеше дека Владата не била заинтересирана за борба против корупцијата, посочувајќи дека многу случаи не биле расчистени токму поради тоа што со нив биле засегнати моќни структури во државата.
„На функцијата стапив да се борам против вистинскиот криминал, кој ги гуши и стопанството и народот, но, веројатно, застанав на многу патишта, па ме снајде состојбава. Прифаќам, си давам оставка… но не поради Антикорупциска, туку поради вашата лицемерна политика и незаинтересираност за борба против вистинскиот криминал“, напиша Цветанов во оставката.
Колку ВМРО-ДПМНЕ и лично премиерот Никола Груевски да се обидуваа да ги релативизираат неговите изјави и да ги сведат на „последна лебедова песна“ на разочаран човек, сепак, во јавноста длабоко одекнаа неговите зборови. Зашто, се’ дотогаш владејачката партија успеваше да го амортизира внатрешното незадоволство, со доделување „утешни награди“ на сменететите функционери, кои добиваа амбасадорски места.
И Антикорупциската комисија посочи дека правосудството, Царината и работењето на администрација, се областите каде што корупцијата е честа појава.
„Состојбата со корупцијата е загрижувачка и Антикорупциската комисија прави се’ за да ги анимира сите фактори во државата да се вклучат повеќе во овој процес затоа што е потребно да се отвори широк фронт во борбата против неа за да бидеме успешни“, изјави неодамна претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата, Иљми Селами, на годишната конференција за оценка на остварувањето на Државната програма за превенција и репресија на корупцијата.
За ефикасна борба против корупцијата се чини дека треба многу повеќе од големи зборови и спектакуларни акции за апсење на подмитуваните доктори и царински службеници. Не случајно, токму борбата против корупцијата е едно од клучните барања на Брисел што ќе најде значајно место и во најновиот Извештај за напредокот на Македонија кон ЕУ.
Извор: Утрински весник