Извештајот наведува дека иако државата направила големи напори да ги усвои меѓународните стандарди за борба против корупцијата и постојат неколку успешни процеси против случаи на активна или пасивна корупција, сепак, потребна е дополнителна доработка на деловите од законот што не ги исполнуваат стандардите. Притоа се наведува потребата од пополнување празнини во однос на делото злоупотреба на влијание, тесниот опсег на можни сторители на поткуп во приватниот сектор и барањето за двојна криминализација, кои се однесуваат на коруптивни дела извршени во странство. Истовремено се потенцира и потребата од промена на делот што остава можност за злоупотреба на одбраната на „ефективно каење“, на која може да се повика престапникот ако го пријави кривичното дело откако ќе биде сторено тоа.
На Македонија и’ се препорачува преземање правни мерки неопходни за осигурување дека кривични дела за активна и за пасивна корупција во јавниот сектор ги покриваат сите пропусти во практикување на јавните функции, без разлика дали тоа е во рамките на истрагата за должностите на официјалното лице или не.
Се препорачува реформулирање на прекршокот за мито и на странски официјални лица.
Во делот на финансирањето на политичките партии, ГРЕКО констатира обемна законска регулатива, но без ниту еден единствен голем случај за партија или кандидат обвинет или казнет за прекршување на одредбите за политичко финансирање. Во спротивност, со робустната легална рамка што ја регулира оваа област, ГРЕКО наведува дека проблемот со спроведувањето е и поради големиот број надзорни тела што го контролираат политичкото финансирање, поради што се разводнува нивна компетенција што доведува до неефикасен систем на надворешна супервизија.
Надзорното тело на СЕ за борба против корупцијата препорачува подобрување на транспарентноста во финансирањето на политичките партии. Тоа значи воведување јасни одредби со кои ќе се утврди почетокот на изборната кампања, но и обврска за подготвување финансиски извештаи во овој период. Се препорачува и дополнување на Изборниот закон со цел да се осигури дека услугите доделени на организаторите на изборната кампања по намалени цени се соодветно идентификувани и оправдани по пазарна вредност, како, на пример, донациите, со цел да се осигури дека правилата за максимална висина на донација не се заобиколени.
ГРЕКО смета дека е потребна транспарентност на сметките и на активностите на лица директно или индиректно поврзани со политичките партии или други под нивна контрола и да се вклучат нивните сметки во сметките на политичките партии. Исто така, потребно е да се осигури дека сите политички партии се адекватно информирани за применливи регулативи за политичко финансирање, особено во однос на нивните книговодствени аспекти.
Во делот на супервизијата на политичкото финансирање, од надзорното тело советуваат да се обезбеди главно независно тело што ќе биде потпомагано од други надлежни органи, со мандат и адекватни овластувања и ресурси да спроведуваат ефикасна супервизија, истрага и примена на регулативите. ГРЕКО препорачува и механизмот на санкции за прекршување на правилата за политичко финансирање ефикасно да се применува на теренот, особено да се осигури дека санкцијата за губење јавни финансиски средства од политички партии и организатори на изборната кампања може да се примени во практика.
Во делот на корупцијата во приватниот сектор, ГРЕКО констатира дека криминализацијата не се однесува само на директно инволвирање на приватниот бизнис во корупција, туку и на фондовите, јавните претпријатија, политичките партии, локалната самоуправа. Притоа се препорачува да се осигури дека легислативата што се однесува на поткупувањето во приватниот сектор покрива на недвосмислен начин цел радиус на лица што раководат или работат за единки од приватниот сектор.
ГРЕКО дава препораки и во делот на корупцијата во трговијата при што бара да се регулира тргувањето со влијание како главен прекршок, а меѓу другото, се препорачува и да се поништи барањето за двојна казнивост во поглед на прекршоците поткуп и трговија со влијание направени во странство, како и да се воспостави јурисдикција над прекршоците направени во странство од домашни официјални лица, но и од приватни компании.
На Македонија и’ се препорачува и да се анализира и соодветно да се промени автоматското ослободувањето од казнување доделено на извршителите на активен поткуп во јавниот и во приватниот сектор, кои поднесуваат извештај до службите за спроведување на законот, и да се поништи обврзниот надомест на поткупот за давателот на мито во таквите случаи.
Препораките што и’ ги дава ГРЕКО на нашата земја за подобрување на ефикасноста во борбата против корупцијата се надева дека власти ќе ги имплементираат до крајот на септември идната година.
Извор: Утрински Весник