26.10.2010 „Транспаренси интернешнл“ годинава ја рангира Македонија на 62. место според индексот на перцепција на корупцијата со 4,1 индексен поен, што е подобрување за девет позиции од лани кога беше 71. со 3,8 индексни поени.
– Македонија постојано бележи подобрување во индексот на перцепција, но се уште е во групата на земјите со индексни поени под пет и има уште многу работа за да се постигне подобра перцепција, оцени на прес-конференција Слаѓана Тасева, претседател на Транспарентност нулта корупција.
Годинашното 62. место Македонија го дели со Хрватска, Гана, Самоа. На листата на „Транспаренси интернешнл“ за 2010 година, од земјите во регионот, подобро рангирана од Македонија е Турција на 56. место, а послабо Црна Гора на 69. место со 3,7 индексни поени, Србија на 78. со 3,5, Албанија на 88. со 3,3, Босна и Херцеговина на 91 со 3,2 индексни поени. Косово, кое е првпат вклучено во истражувањето што опфати вкупно 178 држави, е на 110. позиција на листата со 2,8 индексни поени.
Во три четвртини од државите опфатени со истражувањето, посочи Тасева, индексот на перцепција на корупцијата е понизок од пет. Со поголемиот број држави кои имаат сериозни проблеми со високата изложеност на корупција се покажа дека декларативните заложби не даваат резултати и е потребно вградување антикорупциски мерки, оцени Тасева.
Таа најави дека Транспаренси интернешнл следната година ќе објави извештај со пореален приказ на корупцијата, а не на нејзината перцепција поради што оваа организација веќе почнала преиспитување на методологијата.
Според Извештајот за индексот на перцепција на корупцијата на „Транспаренси интернешнл“, владите вложуваат огромни финансии за да се справат со најголемите проблеми како резултат на нестабилноста на финансискиот пазар, климатските промени и сиромаштијата, но сепак се соочуваат со корупцијата како пречка за постигнување на потребниот прогрес.
Индексот на пецепција на корупцијата ги рангира државите според степенот на корупцијата која што е перцепирана дека постои во јавниот сектор. Станува збор за композитен индекс, комбинација на анкети и нацрт на податоците поврзани со корупција од експертски и бизнис истражувања спроведени од различни независни реномирани институции. Во годинашниот Извештај се опфатени 13 истражувања од 10 институциите, а државите се оценуваат со скала од 10 (многу чисти од корупција) до нула (многу корумпирани).
Извор: МИА