Неопходен е посебен закон за заштита на пријавувачи на корупција
15.12.2010 Транспарентност Нулта Корупција укажува дека согласно Член 20 став 1 од Законот за спречување на корупцијата ( Сл весник бр. 83/84) не може да се преземе казнено гонење против г-дин Симо Груевски, поранешен член на бордот на директори и вработен во Телеком, а сегашен акционер. Согласно оваа законска одредба „не може да се преземе казнено гонење или да се повика на каква и да е друга одговорност лице што открило податоци што укажуваат на постоење на корупција.„
Симо Груевски јавно предочи и ја извести и Владата и другите надлежни институции, за неговите несогласувања со поголем број постапки во работењето на менаџерскиот тим на Телеком кои се на штета на граѓаните. Токму од тие причини, односно поради фактот што тој укажал на корупција, значи дека не смее да се презема казнено гонење или да се повика на каква и да е друга одговорност лице што открило податоци што укажуваат на постоење на корупција.
Основниот суд Скопје 1 на 13. 12. 2010 година одржа прво рочиште по тужбата на „Телеком“ против Симо Груевски за клевета, а во врска со негово укажување дека во бордот на директори на „Телеком“ од македонска страна капиталот несоодветно е заштитен од страна на „партиските„ директори.
Основниот суд Скопје 1 на 13. 12. 2010 година одржа прво рочиште по тужбата на „Телеком“ против Симо Груевски за клевета, а во врска со негово укажување дека во бордот на директори на „Телеком“ од македонска страна капиталот несоодветно е заштитен од страна на „партиските„ директори.
Во април 2004 година Господинот Симо Груевски беше разрешен од Одборот на директори на Телеком откако до Антикорупциската комисија пријави неправилности во работата на менаџерскиот тим, а решението му го врачил лично извршниот директор Атила Сендреи.
Г-дин Груевски пријавата тогаш ја поткрепи со факти (документи и стенограми од седници) укажувајќи дека фирмата покажува зголемување на приходите и намалување на добивката, како и на големите трошоци и влечење пари по основ на плати во висина од 20 -30.000 евра, дневници од 1300 евра и хонорари за консултантски услуги од 300.000 евра и други трошоци, преку сметки од Кипар. Република Македонија распиша потерница по тогашните менаџери на МакТелеком, а сериозно треба да се разгледаат и наодите од истрагата во Германија дека во 2005 Дојче Телеком потрошил седум милиони евра за подмитување на владини службеници.
Сметаме дека Државната комисија за спречување на корупција и другите надлежни институции треба своето внимание да го насочат кон укажувањата на г-дин Симо Груевски и да ги преземат сите мерки кои се во нивна надлежност за да се обезбеди заштитата предвидена со законот за спречување на корупцијата.
Транспарентност Нулта Корупција до Министерството за правда веќе достави иницијатива за подготвување на посебен Закон за заштита на пријавувачи на корупцијата (Whistleblowers Protection Act). Такви закони постојат во најголем број земји членки на Европската унија, САД и други држави.