26.04.2011 Дали трошењето пари во партиските кампањи и на овие избори ќе остане под превезот на нелегалното финансирање како појдовна точка во коруптивната спирала? И покрај тоа што сме пред старт на изборната кампања, сепак, партиите не сакаат да откријат колку пари ќе потрошат и од кои извори. Единствениот одговор што може да се добие од партиските штабови е дека се’ ќе биде во рамките на законите.
Се чини дека и овој пат, како и во претходните изборни циклуси, тие вешто ќе ги скријат изворите на финансирање. Како да стана вообичаено за време и пред почетокот на изборните кампањи да се користат пари од непознати извори. Во касата на партиите се слеваат пари што се прикажуваат како дотации од лица и од членови на партијата, но јавна тајна е дека на тој начин се прикриваат незаконското финансирање и префрлањата на средства од страна на фирми и компании.
И покрај постојната законска регулатива со која се пропишува финансирањето на партиите, но и предвидените санкции за кршење на правилата, сепак, политичките субјекти секогаш на виртуозен начин успеваат да ги заобиколат законите. Според изборната легислатива, една компанија може да ги спонзорира партиите до пет проценти од вкупниот приход што го остварува. И ако досега, како најголем проблем во корупцијата се посочуваа изворите на финансирање од приватните компании, се чини, дека исто толкав проблем е и користењето јавни извори на средства.
Експертската јавност е убедена дека и на овие избори партиите ќе користат нелегални пари и оти изборната корупција и овој пат нема да изостане. Поранешниот министер за финансии и економски аналитичар, Џевдет Хајредини, вели дека незаконското финансирање, кое е најизразено кај партиите на власт, е поради тоа што имаме сива економија. Воедно тоа не обезбедува и еднакви позиции на политичките партии на стартот на изборната трка.
„Како можеме да очекуваме атмосфера на фер избори ако фирмите што на каков било начин се вклучени во владините проекти, како што е ’Скопје 2014’, на илјада начини можат да ги помагаат и да ги покриваат расходите на ВМРО-ДПМНЕ и притоа да добијат предности при наплатата на своите побарувања од буџетот. Наместо да се платат побарувањата, со тие пари ќе се покриваат трошоците на ВМРО-ДПМНЕ, а има начини со преправање на документацијата да не стои дека парите ќе одат за партијата. Тука се и бесмислените хонорари што им се исплатуваат на учесниците во ’Скопје 2014’, а со дел од тие пари ќе се финансираат трошоците на ВМРО-ДПМНЕ и на Груевски“, вели Хајредини.
Сепак, оваа година Македонија, како членка на ГРЕКО, ќе мора да ги имплементира препораките што треба да обезбедат транспарентност во финансирањето на политичките партии и во нивните изборни кампањи.
„Ние добивме препораки со кои ќе се обезбеди транспарентност и централизирано следење на финансирањето. Тоа се јавни препораки од Советот на Европа и ние треба да најдеме начин да ги реализираме до септември кога ќе дадеме извештај за усогласеност со препораките. Ние повторно ќе правиме мониторинг на финансирањето на изборните кампањи почнувајќи од денеска“, вели шефот на официјалната делегација на ГРЕКО за Македонија, Слаѓана Тасева. Препораките, додава таа, се однесуваат на тоа како да се воспостават механизми за следење на парите и ако ги имплементираме ќе има решение за сивите извори на финансирање на партиите.
И Тасева и Хајредини се согласни дека може да се открие и патот на незаконитото финансирање, но за тоа се потребни независна Управа за јавни приходи, независна Антикорупциска комисија, независен обвинител, а и сите други надлежни институции да се независни.
„Наивно е да се очекува дека Антикорупциската комисија ќе отвори случаи и ќе ги гони незаконитостите на владејачката партија, кога ќе видите како таа е избрана. Па, ве молам, во Комисијата останала Мирјана Димовска, која со месеци ја чекавме да излезе со став дали министерот за правда земал и плата и пензија. Апсолутно не сум оптимист во овој правец и мислам дека и оваа Комисија и другите институции ќе работат на тоа да го забошотат финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ“, критикува Хајредини.
Тасева потсетува дека и порано имаше ревизорски извештаи во кои е констатирано дека државни органи за време на изборни кампањи трошеле повеќе пари за бензин, па за купување стапови за знамиња и маички. „За време на предизборието во 2008 цели државни институции буквално беа претворани во партиски штабови, а вработените беа ангажирани на терен за изборната кампања наместо да работат и за тоа примаа плата од буџетот. Тоа е недозволиво“, децидна е Тасева.
Извор: Утрински весник