22.06.2011 Недостаток од политичка волја во борбата против корупцијата – ова е забелешката за Македонија во извештајот на Транспаренси-Интернејшнал за корупцијата во земјите од Западен Балкан.Во Комисијата за борба против корупција велат дека треба да го разгледаат извештајот на Транспаренси интернејшнл кој беше објавен во Брисел за да ги коментираат констатациите. Во него пишува дека во Македонија има недостиг на политичката волја за борба против корупцијата.
Слаѓана Тасева од Транспарентност нулта корупција, изјави дека ова истражување се прави првпат како основа за натамошно следење на земјите од Западен Балкан како напредуваат во нивните евроатлански аспирации.
Истражувањето опфати само три области, закондавство, правосудство и јавна администрација и она што покажа е дека има голема разлика во она што го имаме во законите и нивната имплементација:
„Она што особено треба да се каже е дека на институциите треба да им се зајакнат интегритетот и независноста и треба да се подобри капацитетот на тие институции преку зајакнување на нивните ресурси и да се обезбеди независност во работата. Зборуваме за сите институции, и за судството и за администрацијата и за Собранието.“
Со истражувањето, покрај Македонија, опфатени се и Албанија, Косово и Турција. Во сите четири земји согледувањата покажуваат исти резултати. Македонија во некои области има напредок, но во други послаби резултати, како во јавната администрација, јавните набавки и независност на судството. Експертите ги оквалификуваат согледувањата во извештајот како реални. Некои размислуваат дека власта за да покаже дека навистина има волја да се бори против корупцијата тогаш на органите, како што е Државната комисија, треба да им даде реална можност да работат. Да нема пречки во смисла на ограничувања со буџетски средства или непроцесуирање на предмети, нагласува Ариф Муса поранешен член на Државната комисија:„Комисиите се исти како нашата, треба да имаат буџетски средства, да им се овозможува да имаат пристап до случаите каде се направени злоупотреби на службената положба на функционерите и на власта.“
Извештајот на Транспаренси, кој вчера беше објавен во Брисел, понатму ќе треба да се проширува и во други области и во иднина во него треба да бидат опфатени и други земји од западен Балкан:
„Очекуваме дека истражувањето ќе се прошири и на другите земји од регионот кои што се аспиранти за членки во ЕУ, како што се Босна, Црна Гора и Србија исто така и во Хрватска иако го завршија процесот на преговорите, таму не застанале реформите, треба и понатаму да се следат.“
Ова беше како основа да се постави методологијата, а целта е невладиниот сектор да помогне во проценките што ги прави Европската комисија и нејзините институции, додаде Тасева.
Извор: Радио Слободна Европа