Според анкетата чии резултати беа презентирани денеска на конференција, исплатеното мито во земјава просечно изнесува 28.813 денари или околу 470 евра. Се плаќаат и многу поголеми суми кои вилјаат на оваа бројка. Најчесто се подмитува во пари, многу помалку се возвраќа со услуга. Притоа, не е лесно да се одвои “жртвата“ од оној што го бара дејството.
Најчесто се нуди поткуп на докторите, полицијата и професорите. Подлежни на мито се и катастарските услуги.
– Секој што ќе плати мито барем еднаш, тоа го прави во просек шест пати годишно или секои два месеца. Во околу една третина од случаите на подмитување, граѓаните сами го иницираат плаќањето. Според психологијата на нашето население, мислат дека така полесно ќе завршат работа или ќе ја забрзаат процедурата, рече директорката на ДЗС Благица Новковска.
Речиси половина од сумата, 45 отсто, се плаќа во готово, а четвртина во храна и пијалаци.
Најголем дел од македонските граѓани не го сметаат митото за криминал, туку за нешто што треба да го прават. Ова ги издвојува од искуствата во соседните земји и пошироко.
Во дрзавите од регионот сумата на исплатено мито е многу пониска, но граѓаните таму почесто се соочуваат со корупција.
Корупцијата во светски рамки се третира како урбан проблем, но во Македонија ја има подеднакво и во развиените и во руралните средини. Најраспостранета е во југоисточниот регион и во Скопско, а многу помалку во југозападниот дел, Полог и Пелагонија. Истражувањето покажа дека подеднакво се инволвирани и мажите и жените, додека како специфична возрасна група се издвојуваат лицата околу 30 години.
Релативно е мал процентот на граѓани кои одбиваат поткуп. Помалку од еден отсто кои платиле мито тоа го пријавиле.
-Причината за непријавувањето поткуп е главно мислењето дека по ваквиот случај нема да се постапи, но и ставот дека со плаќањето мито лицето би имало некоја корист, истакна Новковска.
Според истражувањето, подмитувањето кај нас е почест криминален прекршок во однос на останатите како кражба, навреда, закана и разбојништво.
– Од анализите во последните години може да се заклучи дека невработеноста, сиромаштијата и корупцијата се трите клучни проблеми со кои се соочуваат македонските граѓани, посочи директораката на ДЗС.
Анкетата што беше презентирана денеска е реализирана минатата година како дел од проектот “Корупција во земјите од Западен Балкан“ и со неа се опфатени 3.500 испитаници. Фокус на испитувањето било подмитувањето во јавната администрација.
Истражувањето е спроведено истовремено во сите земји од регионот, врз основа на иста методологија, а целта е добивање конкретни, споредбени податоци кои ќе овозможат креирање ефикасни политики за борба против корупцијата.