30.10.2013 Недостатокот на транспарентност и отчетност на политичките партии за нивното финансирање претставува предмет на загриженост, се наведува во најновиот извештај за напредокот на Македонија кон ЕУ. Во него стои дека спроведувањето на правната рамка за финансирање на политичките партии и понатаму има недостатоци.
„И покрај измените во законодавството, преземени се ограничени активности во однос на мерките за информирање на политичките партии за нивните обврски за известување, а потребен е и систем за порационален и проактивен надзор и изрекување санкции. ОБСЕ/ОДИХР извести за зголемен број обвинувања за злоупотреба на државни ресурси за време на Локалните избори во 2013 година, а неуспехот на релевантните институции да ги негираат истите предизвика сериозна загриженост“, стои во извештајот.
Институциите кои се надлежни за надгледување на финансирањето на партиите велат ги земаат во предвид негативните забелешки и работат на нивно отстранување.
„Ние како Државна Комисија за спречување корупција во тој систем на организираност во Република Македонија, во рамките на нашите надлежности, ги преземаме сите потребни дејствија, меѓутоа ние
сме само една алка во тој систем. Се разбира треба сите субјекти да имаат свој придонес во реализацијата на така поставените задачи“, вели Ѓорги Сламков, претседател на Државната Комисија за спречување корупција.
Од Комисија бараат годишните финансиски извештаи на партиите да се доставуваат до Комисијата, бараат измена на Законот за банки за да може банкарските изводи и жиро сметките да бидат достапни до Антикорупциска. Исто така бараат да се изработи наменски образез кој ќе прикажува колку релано се потрошиле пари за изборна кампања, наменската жиро сметка да се затвори на денот кога се поднесува финалниот извештај од кампањите. Антикорупциска бара и донациите да се прибираат пред почетокот на изборна кампања . Од Комисијата велат дека на тој начин ќе се зајакне нивната позицијата за надзор на политички партии при нивното финансиско работење и на тој начин ќе се придонесе тие да работат транспарентно.
„Ние како институција сме заинтересирани за јакнење на нашата положба во системот, ги бараме овие надлежности и не само за финансирање и за изборна кампања на политички партии, туку севкупно во системот, затоа што сметаме дека само на овој начин, преку подоминантни, поцврсти, поизразени односи, ние ќе придонесеме кон јакнење на транспарентноста“, додава Сламков.
Во извештајот уште се додава дека јавната изјава на Државната Комисија за неправилности во анкетниот лист на еден кандидат за градоначалник од опозицијата неколку денови пред изборите ја доведе во прашање нејзината непристрасност.
Потпретседателот на државната изборна Комисија, Субхи Јакупи вели дека со измените на изборниот законик ќе се надминат забелешките на Венецијанската комисија и на ЕУ кои се однесуваат на финансирањето на партиите и на кампањите.
Главниот државен ревизор Тања Таневска вели дека Државниот завод за ревизија добро си ја врши својата работа.
„Покрај надлежностите утврдени со Законот за државна ревизија, успешно ги извршува и делегираните надлежности со другите закони, а се однесуваат на финансиските извештаи за редовно работење на политичките партии и на извештаите за приходите и расходите за изборната кампања и дава придонес во транспарентноста и отчетноста на политичките партии.“
Финансирањето на партиите и кампањите е тема и на дводневната конференција организирана од ОБСЕ, Делгацијатана ЕУ и Антикорупциската Комисија.
Роберт Лидл, раководител на политички оддел во делегацијата на ЕУ, повтори дека треба да има дистинкција меѓу партијата и државата.
„Ова е споменато во изборниот контекст и кога зборуваме за ова мора да внимаваме да нема заматување на оваа границата, да нема прелевање на оваа граница меѓу партијата и државата.“
Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Ралф Брет вели дека законската рамка е многу битна за да се воспостават механизмите за ефикасна контрола на финансирањето на партиите.
На конференцијата посветена на финансирањето на партиите и кампањите присуствуваа само двајца пратеници, од кои едниот не ги ни дослуша воведните обраќања, други политичари немаше.
Извор: Радио Слободна Европа