08.10.2014 Без големи изненадувања беше дочекан годинашниот извештај на Европската Комисија за напредокот на Македонија. Политичко-експертската јавност во забелешките на ЕК гледа сериозни знаци на загриженост на Брисел за состојбите во земјата.
Аналитичарите сметаат дека со шестата по ред препорака за преговори со ЕУ, Македонија добива само уште еден „стент“ за поттикнување на суштински напредок и реформи, кои би ги оживотвориле критериумите неопходни за интеграција на земјата во европското семејство.
Д-р Малинка Ристевска Јорданова, директорка на Институтот за европска политика (ЕПИ) од Скопје, вели дека е очекувано тоа што Европската Комисија повторно препорача почеток на преговорите со Македонија, но читливо е дека препораката останува поради кумулативниот „минат труд“, а не поради напредок во последната година. „Меѓутоа, оценките на Комисијата, кои се прилично експлицитни, укажуваат на сериозна загриженост на Комисијата за состојбите во Република Македонија. Најголемата сенка на овогодишниот Извештај е оценката дека најсериозните предизвици не само што останале, туку се зголемиле – особено во поглед на ‘сeполитичка култура на раздор, растечката политизација и контролата на Владата врз државните институции и медиумите и сe уште кревката интер-етничка состојба’.
Ваквите квалификации се најсериозни досега откако се објавуваат извештаите за Процесот на стабилизација и асоцијација за Република Македонија, од 2003 година. Критичните области се всушност оние што ја претставуваат срцевината на политичките критериуми“, вели Ристевска. Таа посочува дека сите оценки се покритични во однос на минатата година – за изборите, поради неразграничената линија меѓу државата и партијата; за парламентот – поради недостигот од дијалог и отсуството на опозицијата.
„Констатацијата дека високото легислативно и техничко ниво на напредок во правосудството го засенува се поголемата загриженост за селективноста на правдата, укажува на негативните тенденции во правосудството. Критична точка е влошената состојба на медиумите. Конечно, овогодишните оценки на ЕК за меѓуетничките односи се прилично експлицитни и укажуваат на загриженост на европските институции – дека преовладува недостиг на доверба меѓу заедниците и дека е неопходен проактивен и заеднички пристап кон инклузивно мултиетничко општество“, констатира директорката на Институтот за европска политика.
Условена препорака
Аналитичарите годинава воочуваат и различен дипломатски речник, забелешки без „ракавици“ и натамошно констатирање на познатото „тројство“ на проблеми.
Извештајот и го избива од раце стандардниот аргумент на Владата, која секоја година повторува „да беа состојбите лоши – немаше да има препорака“, вели универзитетскиот професор Стево Пендаровски, кој на последните избори беше претседателски кандидат на опозицискиот СДСМ. Според него, она што е различно од претходните пет извештаи на ЕК, е тоа што сега препораката по прв пат е условена, а користен е прилично тежок вокабулар, невообичаен за организација позната по индиректниот бирократски речник.
„ЕУ дури и не крие зошто го прави тоа и отворено ги набројува трите најголеми проблеми во моментов – растечката политизација, зависното судство и слободата на медиумите. Внимавајте, сите три проблеми немаат никаква врска со опозицијата која, патем, не ја повикуваат да се врати во Парламентот, туку, низ дијалог со власта да го реши проблемот. Општата оценка на ЕК е дека земјата назадува 5 години по ред во кој период се продуцирани двата најголеми проблеми – 24 декември и последните избори за кои ЕК ја цитира ОБСЕ дека трети избори по ред сме имале сериозни проблеми и во законодавна и во процедурална смисла.
Конечно, никогаш досега за ниту една земја-кандидат од нашиот регион ЕК нема речено дека Владата не прави разлика меѓу државата и партијата со што ја поткопува довербата во институциите, дека форсира политичка култура на поделби, а не на дијалог и најважно, дека во Брисел се ‘сериозно загрижени’ за владината контрола врз јавните институции и врз медиумите. Подолу од ова нема, бидејќи досега ЕУ никому ја нема одземено препораката. Но, со оглед дека станува збор за тешко условена препорака, догодина можеме да бидеме првата држава која и тоа успеала да го направи“, предупредува Пендаровски.
Заробена држава
И невладините организации со големо внимание го анализираат извештајот од Брисел. Д-р Слаѓана Тасева, претседателка на „Транспаренси Интернешнел – Македонија“ (ТИМ) има впечаток дека годинашниот Извештај за Македонија содржи многу посериозни забелешки и многу појасно изразени ставови. ТИМ досега имала забелешки токму во однос на неутралните и повеќе позитивни, отколку објективни ставови во Извештаите објавени во претходните години.
„Овој извештај содржи многу појасни критички пораки кои имаат капацитет да придонесат за засилување на барањата од граѓаните во насока на зголемување на владеењето на правото и на демократијата. За првпат и добивме јасна индиција дека се очекува завршница на 30 случаи на корупција кои се започнати од 2004 година. Многубројни забелешки се однесуваат на примена на поделбата на власта, имплементирање на донесените закони, раздвојувањето на партијата од државата, недостигот од реформите и политизацијата на јавната администрација, која кулуминира за време на изборите. Во Извештајот се потенцира неефикасноста, недоволната независност и компетентност на институциите за борба против корупцијата и на судовите и се изразува загриженост за селективната правда. Ова, заедно со ставот дека корупцијата останува да преовладува во многу области и да биде сериозен проблем со можност за криминална инфилтрација во политичкиот, правниот и економскиот систем, се досега најјасно презентирани пораки на загриженост од состојбата во Македонија.
Вака дефинирана, оваа состојба е јасна манифестација на заробена држава, од што станува разбирливо зошто пристапниот на ЕУ со Македонија е во ќорсокак. Добро е, што овој пат јасно е презентирано дека заглавеноста на процесот не е резултат само на блокираните преговори со Грција“, оценува д-р Тасева.
Покрај наведените, таа ја потенцира и важноста на сериозните забелешки во Извештајот за зголеменото политичко влијание и владината контрола на државните институции и медиумите, како и транспарентноста на трошење од буџетот.
Пред два дена, Кабинетот на претседателот на македонското Собрание, Трајко Вељаноски, соопшти дека дневиот ред на седницата закажана за 16 октомври, на која пратениците ќе расправаат за Буџетот за 2015 година, ќе биде дополнет и со Извештајот на ЕК, откако официјално ќе му биде предаден на претседателот на Собранието. Според тоа колку е блокиран дијалогот власт-опозиција, извесно е дека за овој извештај ќе се дебатира во отсуство на пратениците од коалицијата на СДСМ. Дотогаш, не е тешко да се предвиди дека дебатата ќе се одвива преку одвоени прес-конференции на власта и опозицијата, со очекувана долга серија од реакции и контрареакции.
Извор: Deutsche Welle