Деновите пред Велигден во центарот на Македонска Каменица рударите од „Саса“ построени во ред, примаат по половина јагне за големиот христијански празник. Тоа за момент ќе ја намали нивната сиромаштија и ќе ги направи среќни. Останатите жители на рударскиот град, пак, кои немаат вработени во „Саса“, гласно коментираат дека така сопствениците на рудникот ги прават работниците мирни, безгласни во битката за работничките права. Дури одат и до таму дека кротките рудари, како најбројна група во Македонска каменица, лесно ја манипулираат, особено владејачката партија која си ги користи како бројка на избори.
Затоа, ако ги прашате граѓаните во ова рударско гратче со осум илјади жители, да прогнозираат кој ќе победи на избори, после објавените аудиоснимки на опозицијата на кои се слушаат криминалните активности и политичките манипулации на власта, тие го имаат истиот одговор од претходно – партијата за која ќе гласаат рударите.
СИНДИКАЛНИОТ ЛИДЕР НА КОЛЕНА, РУДАРИТЕ ИСПЛАШЕНИ
Познатиот поздрав „среќно“ испишан на влезот од рудникот како да крие несреќа за рударите. Изморени, остарени, понижени и тивки, тие немаат сила и начин како да ги наметнат своите работнички права пред претпоставените, уште помалку да ги остварат кога ќе отворат некаков судски процес. Токму пријавувачите кои детектирале незаконски активности на директорите на рудникот, но и тие кои пријавуваат дека сопствениците на „Саса“ се виновни за смртта на неколкумина рудари, никако, со години не можат да ја истераат правдата. Сите пријавувачи се сомневаат во корумпирано судство, особено сега по објавените прислушувани разговори од опозицијата јасно им станало дека, кога во Скопје се местат судии, обвинители и процеси, и тоа против крупни ѕверки, тогаш што останало за малите места и локалните судови и обвинителства, односно за предметите кои ги отвораат рударите и нивните семејства.
Преку два примера, а такви има повеќе, ќе направиме анализа како рударите не можат судски да докажат дека правдата е на нивна страна, односно дека правосудните органи замижуваат пред фактите и застануваат на страната на рудникот кој е во сопственост на руската компанија „Солвеј’.
Во 2011-та за синдикален претседател е избран рударот Саше Јованов. Тогаш синдикатот броел 450 членови, но упорноста и посветеноста во синдикалната битка го зголемила членството на 580. Со тоа 80 отсто од рударите биле синдикалци. Во 2012-та во рудникот смртно настрадал рударот Војо Стаменковски. Според извештајот на рударскиот инспекторат се затрул со јаглерод моноксид поради несоодветна заштита, што е обврска на управата на рудникот. Поучен од фактот дека ископот на еден проток при кој загинал Стаменковски се изведувал без дозвола, што е спротивно на Законот за минерални суровини, тогаш синдикатот започнал со процес да докаже дека раководството на рудникот е виновно за смртта.
Но, наместо соработка со управата и утврдување на вистината, а со тоа и на одговорни за смртта, рудникот ја прекинал комуникацијата со синдикатот, односно таа продолжила исклучиво по писмен пат. За да ја изолира својата одговорност, како што за „Фокус“ раскажуваат рударите, раководството започнало со притисоци врз членовите на синдикатот.
– Мене како на синдикален лидер ми понудија и пари, односно да почнат да ми плаќаат секој месец одредена сума за да замолчам и да се претворам во марионета на директорите. Практично, имаа за цел да останам на лидерската позиција, но наместо да ги штитам работниците, да ја спроведувам политиката на директорите. Така сакаа да ја сокријат одговорноста за смртта на рударот – пренесува Јованов.
Со ваквиот непристоен предлог Јованов тврди дека не се согласил, напротив, ги интензивирал синдикалните активности. Смртта на колегата го натерала да побара повисоки плати, ново амбулантно возило кое постојано ќе биде во рудникот, подобрување на условите за работа, како и нови 150 вработувања за да може „Саса“ нормално да функционира, оти со помалиот број рудари многу често некои од нив извршувале задачи кои не биле според нивните квалификации.
Рудникот има околу 700 вработени, иако неопходни се 900. За да го намалат отпорот на синдикатот, пред се околу смртта на Стаменковски, но и да спречат идни притисоци на рударите, директорите започнуваат со дисквалификација на синдикалниот лидер, особено и по успехот на синдикатот на работа да врати двајца избркани рудари.
За да ја докаже својата легитимност и поддршката која ја има од рударите, а притоа соочен со контрааргументите на „Саса“ дека е нелегитимен синдикалец, Јованов морал да закаже седница на Собранието. Тоа и го сторил. Но два дена пред одржувањето кога тој бил во Скопје на состанокот со тогашниот министер за труд и социјала Спире Ристовски и зборувале за ситуацијата во рудникот, во Македонска Kаменица се одржала седница на која тврди дека бил нелегитимно разрешен.
– За да ме разрешат од претседателската функција на синдикатот мора да постои иницијатива од најмалку една третина од членството, што во случајот ја немаа. Два дена потоа повеќе од 300 рудари на мојата седница не се согласија со оставката која ја понудив. Но, на крајот сепак, уценети со работните места, како и со ветување дека ќе им вработат членови на семејствата, а ќе им ги зголемат и платите за 20 отсто, директорите ги принудија рударите да ме изиграат и да се согласат на мое разрешување – тврди Јованов.
Свесен дека ако продолжи со активностите ќе ја загрози егзистенцијата на рударите, но и за да престанат притисоците (тогаш 15 рудари на кои им истекле договорите останале без работа) тој се обидел уште еднаш да се одржи седница на Собранието за да можат рударите тајно да гласаат, иако ним им биле ветувани поголеми плати само за да застанат против Јованов.
И секако, каде што има сила, нема правдина, Јованов морал да се повлече, па на собранието во октомври 2012-та бил избран в.д претседател на синдикатот, а било заклучено избори да се одржат во наредните шест месеци, кои се уште не се организирани. Така, синдикатот почнува да игра по нотите на управата. Во меѓувреме, за да се отстрани опасноста од евентуален пресврт Јованов го прераспределуваат на пониска позиција, во друг сектор, Хоризонт 16, кој е пред затворање. Така му се отвора сомнежот дека ќе остане и без работа.
Во јуни 2013-та тој е прогласен за технолошки вишок затоа што неговата позиција бетонирач на јамски простории во секторот Хоризонт 830 се укинува, иако тој таа позиција ја има со првичниот договор за работа, а во меѓувреме затоа што напредувал добил решение како рудар со градежни активности, позиција која не се укинува. Тоа било причина Јованов да поднесе судска тужба во судот во Делчево. Со оглед дека правдата била на негова страна, судот првично немал дилема и наложил да биде вратен на работа, а истото го потврдила и штипска апелација.
Но, тука не завршува голготата на Јованов. Тој се соочил со забрана за пристап во рудникот која му ја соопштиле обезбедувачите на капија. Затоа бил принуден да поднесе нова тужба затоа што не се извршува судската пресуда. Тогаш од нејасни причини настанува пресврт. Истиот суд во Делчево сега тврдел дека не ја разбира претходната пресуда, односно не сакал да го прифати фактот дека со технолошкиот вишок се укинало работното место на кое Јованов бил првично вработен, а не тоа кое го извршувал во моментот кога го бркале. Сега предметот е во Апелациониот суд во Штип. Во меѓувреме, за да не оди на работа и за да го смират, рудникот му дава основна плата, а му наложил да изврши систематски прегледи, да обезбеди безбедносен сертификат, му дава неколку годишни одмори, се само за да биде надвор од рудникот во страв дека синдикално може одново да ги организира работниците.
СО ПАРИ ГИ ЗАМОЛКНУВААТ СЕМЕЈСТВАТА НА РУДАРИТЕ?
Случајот со Јованов покажува дека пријавувачите на незаконити постапки немаат судска заштита и дека секогаш посилните можат да влијаат врз судските пресуди. Поинаков пример, но во контекст на тоа дека рударите тешко можат низ правосудните институции да ја докажат вистината се случаите со загинатите рудари. Семејството Ивановски неколку години се обидува да докаже дека за смртта на рударот Диванис Ивановски вина има управата на „Саса“. Тој загинал во мај 2011-та при пад на блок додека се ископувало и се вршел процес познат како подградување.
По трагичниот настан инспекторатот утврдил дека, според правилникот за подземна експлоатација, никаде не е предвиден таков вид на подградување, што практично значи дека некој мора да е одговорен што дозволил така да постапуваат рударите. Според извештајот, било подградувано на место на кое не смеело, а притоа не се користеле соодветни материјали за заштита. Ивановски претпоставуваат дека тоа се правело за да се заштедат трошоци, па дури наведуваат дека постоела забрана за подградување на тој простор каде што настанала несреќата.
– Татко ми беше вработен како бушач со рачен чекан што значи дека не смеел да биде испратен да ја извршува таквата задача. Тоа е првата грешка на управата. Потоа на тој простор воопшто немало услови за да подградува, и како трет пропуст пред кој замижале одговорните е тоа што постоела забрана да се интервенира во тој опасен дел. Но ништо од ова не е доволно за истражните органи да утврдат одговорност кај директорите на рудникот – вели Дејан Ивановски, син на починатиот рудар.
За да биде маката уште поголема по извршениот увид на терен Јавното обвинителство од Делчево излегува со известување од една речница во кое наведува дека не постојат елементи на кривично дело кое се гони по службена должност и затоа нема да продолжи со истрага. Тоа практично значи дека обвинителството сака да го затвори случајот како несреќа и толку. Дури, Ивановски пренесуваат дека некои претставници на обвинителството им пренеле предупредување оти во вакво корумпирано судство е подобро да наплатат отштета, да ги земат парите и да заборават на судска правда околу одговорноста на работодавачот.
Тоа, сепак, не било доволно за Ивановски, затоа што за нив парите кои им следувале немаат врска со кривичната одговорност. Иако тие се четворица членови на семејството и наплатиле 70-тина илјади евра, сепак не можеле да се помират со фактот дека никој нема да одговара за непрофесионалниот однос кон рударите и нивното изложување на опасност. Затоа отвориле процес против рудникот „Саса“ и против директорот со надеж дека кога-тогаш ќе успеат да докажат дека некој друг е виновен за смртта на рударот, а не дека тоа е несреќен случај. Дополнително, се надеваат дека нивниот пример ќе ги охрабри и другите семејства кои имаат загинати роднини, а кои сега молчат откако примиле отштета. Иако документацијата е поднесена уште во март лани, една година Јавното обвинителство не се изјаснува и покрај тоа што доказите се очигледни.
Дури и централата на Јавното обвинителство во Скопје се има произнесено за случајот дека локалното обвинителство во Делчево избрзало со заклучокот оти никој не е одговорен и дека нема елементи на кривично дело. Тоа значи дека не биле земени предвид сите факти, што секако упатува на сомнеж за корупција или пак влијание од некои моќници врз обвинителите. Статистиката покажува дека од вкупно седум смртни случаи во последните десетина години, во пет, обвинителството има идентично известување дека нема да постапува, иако рударите тврдат дека јасна и лесно докажлива е одговорноста на управата на „Саса“.
– Постапките на правосудните органи покажуваат дека тие или се глуви или слепи или потплатени, друго нема. На сите во рудникот им е јасно зошто страдаат рударите и чија е одговорноста, но уште појасно е дека некој ги штити директорите, кои пак со парични отштети за семејствата се амнестираат од одговорност – револтирано зборува Ивановски.
Но, дали е исправна логиката да се исплатуваат отштети, а да не се преземаат заштитни мерки? Грубата математика покажува дека ако на едно семејство му се исплатуваат од 50 до 100 илјади евра, а во последните години има неколку такви, значи дека рудникот потрошил и околу половина милион евра, пари кои претходно можел да ги инвестира во обезбедување услови за работа, а со тоа и да спаси животи.
РУДАТА СЕ ИСКОПУВА НЕКОНТРОЛИРАНО
Овие два примера јасно покажуваат дека судската правда за рударите е подлабоко сокриена и од рудата која секојдневно ја копаат. „Саса“ е позната по ископување на олово – цинкова руда, а повремено се појавуваат сребро и други метали. Рударите пренесуваат дека во последно време се ископува само мрсна руда или со застапеност на металите од седум, осум до 10 отсто. Нејасно им е зошто не се експлоатира и рудата која има и помалку, три до четири отсто. Во меѓувреме, продолжуваат отпуштањата на рударите, особено на оние кои се ангажираат со договор на определено работно време, а тие, поучени од практиката, се немоќни да ја бараат правдата на суд.
Иако при купопродажбата на рудникот со договорот беше предвидено да има 900 вработени, сепак, според деловната политика, таа бројка е недостижна. Затоа нашите соговорници пренесуваат дека се случува многу рудари да се ангажираат на позиции за кои немаат квалификации, а тоа значи само опасност и неквалитетно ископување. Дури постојат информации и сомнежи кај вработените дека вкупното производство не се прикажува во документацијата. Споменуваат дека никој не ја знае точната бројка на камиони кои изнесуваат руда, ниту пак колку се заработува.
Токму во тоа Јованов и Ивановски ја гледаат причината зошто синдикатот морало да замре, а некои рудари да бидат отстранети од работа – за да се намалат гласните реакции и на газдите да нема кој да им се спротивстави.
Основната плата на рударите е околу 25 илјади денари. За да стигнат до попристојна сума од 35 илјади, која би била соодветна на нивниот труд и ризик, тие мора да имаат неколку ноќни смени и дежурства на викенди или празници. Она што е карактеристично за рударите на „Саса“ е што после елиминацијата на Јованов од синдикатот тие се претворени во безгласни работници. Исплашени за егзистенцијата не можат да го следат примерот на другите рудари, како тие од „Тораница“, па преку протести да ги штитат своите права. Уште повеќе, кога се соочени со одмазднички потези на управата. Во мислите им се случаите кога колеги останувале без работа додека биле на боледување или кога некој ќе се разболел, наместо да биде префрлен на соодветно работно место, бил отстрануван. Едноставно, борбата за гола егзистенција ги принудува рударите да молчат и секојдневно да го изложуваат животот на опасност. Затоа, рудари, среќно!
РУДНИКОТ Е ГЛАВЕН ИЗВОР ЗА ЕГЗИСТЕНЦИЈА
Освен рудникот „Саса“ во Македонска каменица има две конфекции со по 150-тина вработени и две градежни фирми со по десетина работници. Тие се главниот мотор на економијата во градот. Но, тие не можат да ги задоволат потребите на младите, кои постојано се иселуваат. Обичната статистика покажува дека до пред неколку години во основното училиште се запишувале и по 150 првачиња, сега само по еден клас од 40 ученици.
ЈОВАНОВ Е ОТСТРАНЕТ ОД СИТЕ ТЕЛА НА РУДНИКОТ
Саше Јованов не само што бил разрешен од синдикален лидер, туку му било прекинато членството и во синдикатот со тоа што рудникот престанал да му одбива од платата за членарина без притоа тој да побара или да биде писмено известен за тоа. Но тој бил сменет и од член во Извршниот одбор. Кога побарал писмено зошто е исклучен од одборот, добил одговор дека зад таквата одлука застанале 30-тина членови, иако тој се сомнева дека нивните потписи се фалсификувани. За тоа го известил централниот Синдикат за енергетика, индустрија и рударство во Скопје (СИЕР), кој, пак, застанал против него дека е легитимно разрешен. Јованов тврди дека СИЕР кога одлучувал ја немал на увид целосната документација.
– Очекувам СИЕР да се изјасни како сум разрешен и врз основа на што? Дали и тој синдикат бил уценет и притиснат да го прифати тоа, што е практично нелегитимно – прашува Јованов.
ПРИВАТИЗАЦИЈАТА НА „САСА“ Е СПОРНА?
Врховниот суд пред неколку дена донесе одлука со која потврди дека приватизацијата на рудникот „Саса“ е законска, иако претходно судот во Кочани и апелација во Штип ја поништија приватизацијата затоа што имала низа недоследности. Спорот го отвори поранешниот сопственик Блажо Тасев, бизнисмен од Словенија и го водеше против Собранието на доверители. По одземањето на рудникот од Тасев, сопственик стана руската компанија „Солвеј“.
Автор: Љубиша Арсиќ
Транспаренси Интернешнел Македонија го спроведува проектот „Застапување за заштита на пријавувачите вклучувајќи ги медиумите и граѓанското општество“, поддржан е од Амбасадата на Кралството Холандија.
Истражувачката сторија е подготвена во рамки на проектот, и истата не ги одразува ставовите на Амбасадата на Кралството Холандија.