15.10.2015 „Транспаренси Интернешенал Македонија“ преку дводневна конференција во Скопје ја потенцираше неопходноста од донесување на квалитетен и сеопфатен Закон за пријавувачите на кривичи дела, или т.н. „свиркачи“. Во Македонија веќе се зборува за подготовка на овој закон, бидејќи ЕУ, како дел од договорот од Пржино, бара тој да биде договорен најдоцна до 20 октомври. Законот за т.н. „свиркачи“ постои во многу земји и има за цел да ги заштитат пријавувачите на корупција во јавните или државните органи.
На вториот ден од конференцијата учество зема и претставник од Државната комисија за спречување на корупција, кој што посочи дека е потребно охрабрување на граѓаните и подигнување на нивната свест за пријавување на случаи на корупција, бидејќи само на тој начин ќе се овозможи владеење на правото. Граѓаните и досега можеа да пријавуваат корупција во Комисијата, но од таму не можат да се пофалат со откриени или решени големи корупциски афери. Можеби и затоа од Комисијата како пример за „свиркач“ кој пријавил корупција беше посочен пример од далечната 2003 година кога Симо Груевски пријави корупција во компанијата во која работеше „Телеком“, афера која и ден денеска нема завршница. Исто така важно е да се потсети дека Груевски не ја доби потребната заштита, туку доби отказ од работното место.
-Оттогаш ни се нема случено некое лице експлицитно да побара помош за заштита. Поголемиот број од претставките кои ги добиваме, се јавни, со име и презиме на дојавувачот, но не станува збор за класични дојави за корупција, туку за некој нивен личен интерес. Голем дел од претставките не содржат елементи за да не стават во позиција на откривање некаква корупција. Најчесто се пријавува непотизам, во здравствените, локалните и образовните институции, и тука има ефект. Жал ми е што не можам да споделам некои „сочни примери“ за дојава на корупција, истакна Софче Пејовска-Дојчиновска, генерален секретар во Антикорупциска.
Еден од учесниците на конференцијата беше и претставникот на Транспаренси од Ирска, Џон Девит, кој има учествувано во креирањето на законски модел за заштита на пријавувачите кој е применлив, има позитивни искуства и многу држави го преземаат. Тој раскажа интересен пример на „свиркачи“ од неговата земја.
-Двајца полициски инспектори во 2011 откриле дека на работното место, во базата на податоци, има предмети кои не се во целост истражени, а утврдиле и дека од истата се бришани податоци. Стигнуваат до информација дека се избришани податоци за сообраќајни казни во вредност од 1,5 милиони евра. Кога го пријавиле сознанието на работното место биле игнорирани и под голем притисок. Шефот на полицијата дури изјавил дека се одвратни луѓе. Полицијата спровела интерна истрага и кажала дека се е во ред. Но пратениците не беа задоволни, па беше спроведена независна истрага која покажа дека нивните наводи се вистините. Јас секој ден бев во медиумите и на еден начин им бев официјален портпарол, кој ја запознаваше јавноста со случајот. Набрзо, по откривањето и потврдувањето на аферата, еден од полицајците предвреме се пензионираше, поради преживеаниот стрес, но шефот на полицијата доби отказ од премиерот. Министерот за правда мораше јавно да се извини, а потоа и тој си даде оставка, бидејќи претходно го поддржуваше шефот на полицијата, раскажа Девит.
Тој додаде дека овој случај бил медиумски покриен, што придонело граѓаните се повеќе да се охрабрат и да пријавуваат корупција. Сепак истакна дека во неговата земја се уште има луѓе кои не пријавуваат вакви случаи бидејќи се сомневаат дека нема да има темелна истрага и дека ништо нема да се промени. Затоа секојдневно работат на зголемување на свесноста и на заштитата на пријавувачите.
На конференцијата учество зема и претседателот на Советот на јавните обвинители, Петар Аневски, кој истакна дека се залага за зголемување на свесноста на граѓаните да пријавуваат, бидејќи на тој начин ќе се намали корупцијата.
-Загрижен сум што анкетите покажуваат дека граѓаните немаат доверба во судството и обвинителството. Јас, како обвинител, со сите сили се трудев да ги заштитам пријавувачите, но се случуваше отпосле да ги трпат последиците. Имав вработен во една институција кој пријави корупција, а подоцна се соочи не со губење на работното место, туку беше прераспореден на пониска позиција. Затоа луѓето кои пријавуваат треба да се осигураат дека доколку тоа го сторат, зад нив ќе стои државата, истакна Аневски.
Иако временскиот рок е краток и за неколку дена мора да се донесе Законот за пријавувачите, сепак преку конференцијата се испраќа порака дека законот мора да се пишува во поширок состав, да се консултираат познавачите, но и да се најде моделот кој би бил применлив. Освен времето, важен сегмент е и капацитетот на тие што ќе го подготвуваат законот, колку ја познаваат материјата, какво искуство имаат во областа и дали се непристрасни, односно повеќе ќе инсистираат на заштита на граѓаните наместо на пријавените кои ќе биде неопходно да се гонат ако сакаме да ја оправдаме смислата на законот. Од конференцијата се наметнува заклучокот дека не смее да се брза затоа што сите примери од практиката мора да се имаат предвид.
Автор: Валентина Стојанчевска