29.01.2016 Македонија од неодамна може да се пофали со новиот Закон за заштита на укажувачи, кој во најмала рака ја отсликува волјата на државата да ја зајакне борбата против корупцијата и незаконското работење бидејќи конечно им се нуди заштита на тие што ќе се осмелат и ќе пријават. Но, и покрај доброто законско решение, сите очи се вперени во институциите што треба да го спроведуваат. Најповиканата институција, Министерството за правда веќе затаи. Не го испочитува рокот за донесување на подзаконските акти, со што уште од стартот ја загрози примената на законот
Споменици не се поставуваат само во Скопје. Неодамна во Берлин, на еден од централните плоштади, беше поставена статуата „Светото тројство свиркачи“ (Асанж, Сноуден и Менинг).
Но, за разлика од кај нас, каде што спомениците се поставуваат за извлекување државни пари и „јакнење“ на патриотизмот, споменикот поставен во Берлин, не само што ги слави „свиркачите“ (лица кои како судијата во спортот предупредуваат на кршење на правилата), туку и ги охрабрува другите обични граѓани да прозборат јавно.
Статуите на тројца мажи во природна големина стојат на три столчиња, како да говорат на импровизиран јавен собир. Веднаш до нив има четврти, празен стол. Тој е поставен за секој граѓанин што сака да застане и да каже сѐ што сака.
– Тие ја загубија слободата поради вистината, па не потсетуваат колку е важно да се знае вистината, вели креаторот на статуата, италијанскиот скулптор Давиде Дормино.
Свиркач (whistleblower), или според македонското законодавство, укажувач, е израз за храбар поединец, кој од високо морални причини одлучува, со сиот ризик по сопствената кариера, јавно да проговори за незаконските или неетичките дела направени во некоја компанија или институција.
Македонија се дави во корупција, бидејќи според последната анкета на Државната комисија за спречување на корупцијата, дури 60 проценти од граѓаните сметаат дека корупцијата е широко распространета, но, од друга страна, пак, бројот на „свиркачи“ е премногу мал. Луѓето стравуваат дека доколку пријават кршење на законите, ќе се соочат со притисоци, казни или во најлош случај ќе го изгубат работното место. Токму затоа на Македонија и беше неопходен закон за заштита на овие граѓани, со кој ќе се охрабрат и повеќе нема да замижуваат пред корупцијата.
ЗАКОН ИМА, АМА ДОЦНАТ ПОДЗАКОНСКИТЕ АКТИ
Законот за заштита на укажувачи стапи во сила на 18 ноември 2015 година, како еден од условите што мораше да се исполни според Договорот од Пржино. Со него конечно се гарантира заштитата на тие што ќе пријават сомнеж за незаконско или недозволено постапување со кое се загрозува јавниот интерес.
Улогата на укажувач може да ја има вработен, кандидат за волонтер или практикант, лице кое по кој било основ е ангажирано од институцијата или има соработка, или, пак, користело услуги од неа. Ова значи дека коруптивна зделка може да пријави вработен во државната администрација, и тоа на пример за наместени тендери, работник од приватната компанија може да пријави дека не добил К-15 или студент да укаже дека професорот му побарал мито итн., а за возврат да добијат заштита и да не претрпат последици.
Укажувачот на располагање има три начини на кои може да пријави корупција, односно незаконско постапување. Заштитено внатрешно пријавување е кога случајот ќе го пријави во институцијата во која работи, кај раководно лице, кое, пак, е должно да ја гарантира неговата анонимност, ако укажувачот го бара тоа. Друг начин на пријавување е надворешно пријавување, односно во Министерството за внатрешни работи, во надлежното обвинителство, во Државната комисија за спречување на корупцијата и кај Народниот правобранител.
Сепак, примената на законот почнува по четири месеци од стапувањето во сила, или на 18 март. Но, таа засега е неизвесна бидејќи на 18 јануари истече рокот кој Министерството за правда го имаше за да ги изготви подзаконските акти со кои треба да се уреди внатрешното и надворешното пријавување. Иако има законска обврска, и точно определен рок од 60 дена, сепак од Министерството затаија.
Кој и зошто не го почитува законот, иако ни ветија, сепак не ни одговорија од службата за односи со јавноста на ресорното Министерство. Министерот за правда, Аднан Јашари, само накусо ни одговори дека актите се потпишани и не упати на разговор во Антикорупциска, иако тоа не е нивна надлежност. Потпишани или не, факт е дека подзаконските акти сѐ уште не се објавени во Службен весник, по што требаше да стапат во сила.
Одговор за тоа што се случува не добивме ниту од Антикорупциската комисија, од каде што до Министерството требаше да поднесат предлог за тоа како да се уреди пријавувањето на корупцијата во јавниот сектор. Законска обврска на оваа комисија ќе биде и на секои шест месеци да прима извештаи од раководните лица во институциите, а тие, пак, да изготват едногодишни извештаи што ќе ги доставуваат до Собранието.
Третиот начин на пријавување е заштитено јавно пријавување, односно преку медиумите. Во овој случај укажувачот не смее да го открие името на тој што го пријавува, почитувајќи го начелото на пресумпција на невиност.
Анонимноста на укажувачот, пак, не е безусловна. Идентитетот на „свиркачот“ се чува во тајност, но се открива доколку така се одлучи со судска пресуда.
Во Законот за заштита на укажувачот се предвидени и парични казни доколку не се постапува по неговата пријава или не се заштити неговиот идентитет. Со глоба од 3.000 до 6.000 евра ќе се казни раководителот, како и институцијата или фирмата што нема да постапува по пријавата на укажувачот или нема да го заштити неговиот идентитет. Од 2.000 до 4.000 евра, пак, ќе се казни фирмата, која за поднесената пријава нема да ги извести другите вработени.
ТАСЕВА: ИМАМЕ ДОБРО ЗАКОНСКО РЕШЕНИЕ
Најгласен укажувач дека на Македонија ѝ е неопходен ваков закон во изминативе години беше невладината организација „Транспаренси интернешнел – Македонија“, од каде што истакнуваат дека се задоволни од донесеното законско решение бидејќи во него се опфатени голем дел од препораките кои беа изнесени на меѓународната конференција, организирана од нив, а посветена на заштитата на укажувачите. Претседателката Слаѓана Тасева истакнува дека новиот закон ги содржи принципите на Транспаренси интернешнел, кои се однесуваат на законодавството на укажувачите.
– Овие принципи веќе се преточени во легислативите што се имплементираат во повеќе европски земји, така што новиот закон во Македонија е изработен имајќи ги предвид законските решенија и искуствата од примената во други држави кои одлучиле да ја регулираат оваа материја. Иако во моментов, помал е бројот на земји кои решиле да имаат посебен закон за заштита на укажувачите, сепак, Ирска и Холандија предводат и се меѓу тие што го имаат направено тој чекор. Примената на законите во тие земји генерално е успешна, но покажува и одредени недостатоци на кои тие и понатаму работат сѐ со цел да ги надминат. Македонија направи исчекор и донесе нов закон, но, сепак, во периодот што ни претстои, министерот за правда ќе треба да ги донесе актите со кои ќе се уреди начинот на внатрешно пријавување во институциите во јавниот сектор, вели Тасева, која додава дека успешната примена на законот во голема мера ќе зависи и од поставената институционална рамка.
Според Тасева, законот за првпат воведува надлежност на Народниот правобранител за заштита на укажувачите и тој заедно со Државната комисија за спречување корупција и Јавното обвинителство има важна улога во ефикасната примена на законот, бидејќи, како што вели, охрабрувањето на граѓаните да пријавуваат ќе зависи и од нивната ефикасна работа од аспект на заштитата на укажувачите.
– Законот не е доволен. Неопходни се и силни институции што ќе го спроведуваат и кои на граѓаните ќе им влеат верба дека со искористувањето на механизмите за пријавување, тие навистина можат да придонесат за борба против корупцијата, а притоа да останат заштитени. Не е за занемарување ниту тоа што во дел од нашето општество укажувачите сѐ уште се стигматизираат како „кодоши“, така што, ќе мора да се работи и на полето на подигнување на свеста меѓу граѓаните за значењето на укажувачите при борбата против корупцијата, децидна е Тасева.
ДОБАР ЗАКОН, ЛОШИ ИНСТИТУЦИИ
Укажувачите, или тие што се осмелиле да пријават незаконско постапување, досега беа оставени сами на себе, но ова треба да се промени со донесениот закон, со кој им е ветена институционална заштита.
– На укажувачот и на нему блиско лице им се обезбедува заштита од каков било вид на повреда на право или штетно дејствие или опасност од настапување на штетни дејствија заради извршеното заштитено внатрешно и надворешно пријавување или заштитено јавно пријавување. Заштитата се обезбедува од страна на институција, односно правно лице каде што е извршено пријавување со преземање дејствие да се спречи повреда на правата од работен однос или кое било право и воздржување од дејствија со кои се повредува или загрозува кое било право на укажувачот заради извршеното пријавување“, се наведува во член 8 од Законот.
Народниот правобранител Иџет Мемети вели дека ваквото законско решение било неопходно.
– Го поздравувам донесувањето на Законот за заштита на укажувачот, како посебен, а не како дел од веќе постоечки законски решенија, како што првично беше намерата. Сепак, сметам дека ова законско решение, за услови како нашите, не ја нуди соодветната заштита на укажувачите, односно заштитата е слаба. Требало да има појака заштита, зошто оној што ќе пријави корупција не се заштитува од отказ, односно извршувањето на ваквата одлука да се стави во мирување до конечната судска одлука, вели Мемети.
Тој додава дека во неговата канцеларија граѓаните честопати обвинуваат за корупција или за криминал, но како што вели, кога ќе им укаже да пријават во полиција, тие се повлекуваат.
– Не знам дали тоа е зашто лажат, или, пак, затоа што се плашат од последиците доколку пријават, вели Мемети, кој истакнува дека во Македонија, и да се има најдоброто законско решение е залудно, бидејќи кај нас не функционира системот.
Загриженост за тоа како функционира системот искажува и Петар Аневски, претседател на Советот на јавните обвинители.
– Загрижен сум што анкетите покажуваат дека граѓаните немаат доверба во судството и обвинителството. Јас, како обвинител, со сите сили се трудев да ги заштитам пријавувачите, но се случуваше отпосле да трпат последици. Вработена во една институција пријави корупција, но подоцна за казна беше прераспределена на пониска позиција. Затоа луѓето што пријавуваат треба да се осигурат дека доколку тоа го сторат, зад нив ќе стои државата, вели Аневски.
Укажувачот може да стане и заштитен сведок, доколку е пријавено кривично дело против државата, против човечноста и меѓународното право, од областа на организираниот криминал и за кое со Кривичниот законик е пропишана казна затвор од најмалку четири години.
ПРВИОТ УКАЖУВАЧ СÈ УШТЕ ТРПИ ПОСЛЕДИЦИ
Засега охрабрувањето на граѓаните да пријават корупција оди многу тешко, бидејќи во земја во која над 60 проценти од населението смета дека има корупција, речиси никој не ја прифаќа улогата на „свиркач“. Па така, според анкетата на „Рејтинг“, само 7,5 проценти од испитаниците одговориле дека би пријавиле корупција во фирмата или институцијата во која работат, а од 13 отсто што биле во можност тоа да го сторат, пријавиле само 2,5 проценти. Над 70 отсто од испитаниците одговориле дека би имале последица доколку пријават незаконско работење, односно дека ќе го изгубат работното место или ќе имаат притисоци. Во таа насока одат и многубројните анализи, според кои, креаторите на „општествената тревога“ во рок од една година го напуштаат или го губат работното место, или завршуваат со нарушено здравје.
Најпознатиот македонски „свиркач“, и еден од малкутемина што се осмелил јавно да проговори за криминалот во институцијата во која работи е Симо Груевски. Пред повеќе од една деценија, или поточно во април 2004 година,тој беше разрешен од одборот директори на Телеком откако до Антикорупциската комисија пријави неправилности во работата на менаџерскиот тим. Тој пријавата ја поткрепи со документи, укажувајќи дека фирмата покажува зголемување на приходите и намалување на добивката, како и на големите трошоци и влечење пари по основ на плати од 20.000-30.000 евра, дневници од 1.300 евра и хонорари за консултантски услуги од 300.000 евра и други трошоци, преку сметки од Кипар. Иако во случајот се вклучи и судот во Њујорк и отвори предмет, судот во Македонија единствено за виновен го прогласи човекот што ја пријави аферата. Но, освен тапија дека е клеветник, Груевски ја изгуби и работата, своите финансии и здравјето. Вели дека е прогласен за прв „свиркач“ во Македонија, додавајќи дека повеќе му се допаѓа терминот дојавувач.
– Пред 12 години почна голготата против мене и сѐ уште трае. Наместо да ги гонат тие што направиле криминал, мене ме влечкаат по судови. Ме тужеа и во Кривичниот суд, а сега и во граѓанскиот, а крајот сѐ уште не се гледа, вели Груевски.
Тој додава дека иако изгубил многу, сепак и денес би постапил исто. Вели дека не е човек што може да замижи пред криминалот.
– Не се каам, сепак посакував работите поинаку да завршат. Со донесувањето на Законот се прават напори да се заштитат тие што како мене ќе решат да зборуваат, но тоа не е доволно. Клучот е во судот, таму е вистинскиот проблем. Па, јас имав добиено позитивен одговор од Антикорупциска, која е државен орган, а од судот тоа воопшто не го зедоа предвид. Во минатото, султанот кога поставувал кадии, од муфтиите добивал информација дали чесно и праведно ја вршат работата. Тие што биле неправедни завршувале на бесилка, а во сегашно време таквите судии треба да се отстранат од работното место. Само тоа би го решило проблемот, вели нашиот соговорник.
Работната позиција продекан, поради пријавување сомнеж за корупција, ја изгуби и сегашната министерка Фросина Ременски, на Факултетот за безбедност. Таа поднесе пријава за исчезнување лаборатории од факултетот, а чии перформанси овозможуваат софистицирано следење на електронските комуникации. И оваа афера, иако беше откриена пред неколку години, сѐ уште нема завршница. Истрагата заглави некаде на половина пат, во лавиринтите на обвинителството.
БРОЈ ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ КОРУПЦИЈА ИМА, АМА НИКОЈ НЕ КРЕВА СЛУШАЛКА!
Анализите покажуваат дека само во пет земји-членки во Европската унија има целосна законска регулатива за заштита на дојавувачите, а шампион во оваа категорија е Ирска. Ирскиот закон е донесен во 2014 година, а според Џон Девит, извршен директор на Транспаренси интернешнел во Ирска, засилената кампања почнала во 2010 година. Тој раскажа позитивен пример за „свиркачи“ од неговата земја, кој предизвикал и политички турбуленции.
– Двајца полициски инспектори во 2011 година открија дека од базата на податоци се избришани податоци за сообраќајни казни во вредност од 1,5 милион евра. Кога го пријавиле тоа што го откриле, на работното место биле под голем притисок. Полицијата спроведе интерна истрага, по што објави дека нема незаконско постапување. Сепак, дел од пратениците не беа задоволни, па беше спроведена независна истрага, која покажа дека наводите на пријавувачите се вистинити. Набргу по откривањето на аферата, еден од полицајците предвреме се пензионираше поради претрпен стрес, но стигна и правдата, бидејќи подоцна шефот на полицијата доби отказ од премиерот, а министерот за правда јавно се извини, а потоа и тој си поднесе оставка, вели Девит, кој додава дека секојдневно работат на подигање на свеста на граѓаните.
Сегашната владејачка гарнитура уште во 2007 година, една година по доаѓањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ, ѝ објави „војна“ на корупцијата. Премиерот Никола Груевски ги повика граѓаните на општа мобилизација промовирајќи ја кампањата „Македонија без корупција“, за која беа изработени рекламни спотови, а беше актуализиран и постоечкиот телефонски број „199“ за пријавување корупција. Тогаш премиерот кажа дека не смееме да дозволиме корумпираните луѓе во Македонија да бидат синоним за снаодливост, добар бизнис или успешност, но по неколку години подоцна, според обвинувањата на опозицијата, за што јавноста имаше можност да чуе од „бомбите“ што таа ги објави, лично тој и врхушката на Владата станаа синоним за корумпираност.
Премиерот, тогаш, освен теоретски, како да сакаше и практично да посочи пример на корупција, па одби да ѝ даде отчет на јавноста колку чини кампањата, иако е платена од парите на граѓаните.
Баш иронично, но по оваа кампања која требаше да ја симболизира борбата против, а не за корупцијата, се нижеа уште десетици сомнителни владини кампањи, кои од државниот буџет извлекоа десетици милиони евра. Кампањите беа различни, но исто чинеа, секоја по околу половина милион евра.
Кампањата, како и останатите, имаше само моментален ефект. За една недела, владиниот портпарол објави дека биле примени околу 200 повици и толку. Потоа настана молк. Телефонскиот број „199“ и денес ѕвони, но од другата страна нема кој да ја крене слушалката.
Телефонот ѕвони и во Министерството за правда, од каде што очигледно заборавија да се огласат и на алармот, кој им го сигнализираше истечениот рок за донесувањето на подзаконските акти. За жал и тука, засега, нема кој да ја крене слушалката.
.
Најпознати „свиркачи“
Стенли Адамс е поранешен директор на „Хофман-Ла Рош“, кој поднел пријава во 1973 година до Европската економска заедница поради местење цени во својата компанија. ЕЕЗ по грешка ја проследиле пријавата до неговите претпоставени, што Адамс го чинело шестмесечен затвор поради индустриска шпионажа. Цели десет години се борел да си го исчисти образот и на крајот добил сатисфакција од ЕЕЗ.
Пол ван Бујтен е поранешен холандски државен службеник во Европската унија. Неговото откривање на корупцијата во извршните тела на ЕУ резултираше со оставка на Европската комисија под водство на Жак Сантер. По откривањето на корупцијата трпеше различни облици на притисок и одмазда од работодавците, кои бараа од него да поднесе оставка и да се врати во Холандија. По враќањето во Холандија беше избран за пратеник во Европскиот парламент и продолжи активно да учествува во борбата против корупцијата.
Автор: Валентина Стојанчевска
Транспаренси Интернешнел Македонија го спроведува проектот „Застапување за заштита на пријавувачите вклучувајќи ги медиумите и граѓанското општество“, поддржан е од Амбасадата на Кралството Холандија.
Истражувачката сторија е подготвена во рамки на проектот, и истата не ги одразува ставовите на Амбасадата на Кралството Холандија.