25.09.2020. Државната комисија за спречување на корупцијата и Транспаренси Интернешнл Македонија го спроведоа проектот „Проценка на ранливост од корупција во политиките и постапките за вработување, со посебен фокус на непотизам, кронизам и клиентелизам“ со поддршка од Амбасадата на Кралството Холандија.
Истражувањето во рамки на проектот произнесе препораки коишто се однесуваат на подобрување на процедурите при постапките за вработување, како и кон неопходни мерки коишто треба да се имплементираат со цел да се подобри законската и институционалната регулатива и пракса во однос на вработувањето, јавната администрација, и јавните службеници.
Анализирани се 19 закони од областа на вработувањата во јавната администрација, изготвени се 42 препораки со 150 предлози коишто служат како основа за изготвување на нови закони.
Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата Билјана Ивановска изјави дека се неопходни итни промени бидејќи законската регулатива е ранлива, и дека предлозите и препораките ќе бидат упатени до институциите коишто е потребно да ги променат материјалните закони во својата област.
Д-р Слаѓана Тасева, претседателката на Транспаренси Интернешнл Македонија во своето обраќање ја потенцираше суштината на спроведената анализа, и го истакна проблемот на ризик од корупција којшто се олицетворенува преку дискреционите овластувања, клиентелизмот, кронизмот, непотизмот и влијанието од политиката, како и дека ранливоста од корупција при вработувањата не е нов проблем.
Воедно потенцираше дека при анализата во рамки на истражувањето се утврдени бројни нерегуларности и слабости, несоодветни вработувања, зависно од потребите на политиката, институции со пет пати поголем број на вработени а ист број на жители, како и постоење на институции без вработени.
Посебно нагласи дека Транспаренси Интернешнл Македонија во претстојниот период врз основа на препораките од истражувањето ќе спроведува мониторинг и евалуација за да оцени дали навистина се прави промена и дали клучните институции како Владата, Собранието, и судството се посветени на имплементација на препораките.
Амбасадорот на Кралството Холандија, Дирк Јан Коп во своето обраќање истакна дека борбата со корупцијата не е неопходна само за во ЕУ, туку и за граѓаните на Северна Македонија, и дека со искоренување на корупцијата од јавната администрација, тоа ќе влијае и на сите други аспекти во живеењето.
На конференцијата свое учество имаше и Љупчо Николовски, вицепремиер за борба против корупцијата и криминалот, којшто нагласи дека Владата ќе одреди посебен член кој ќе ја следи работата на именуваните функционери и ќе предлага негово разрешување доколку некој ги прекршил нормите.
Николовски посочи и на новиот усвоен Кодекс на однесување на Владата и функционерите, кој предвидува построги принципи во делот на отчетноста, не само на министрите, туку и за сите функционери како што се директори на јавни претпријатија, агенции, АД во државна сопственост, како и воведување на посебен член од Владата кој ќе ја надгледува имплементацијата на Кодексот и ќе има право доколку утврди непочитување, директно до го опомене функционерот, да му побара оставка и да предложи разрешување на седница на Владата.
Вицепремиерот истакна дека и ќе предложи формирање на тим за следење и кратење на дискреционите права на министрите и директорите.
На овој настан, свое обраќање имаше и министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири којшто истакна дека во Министерството за информатичко општество и администрација веќе е формирана работна група којашто ќе спроведува ревизија на предложени решенија, и дека Извештајот и препораките од истражувањето доаѓаат во вистинско време за министерството коишто ќе бидат внимателно разгледани и содржани во новите текстови на предлог-законите за административни службеници и вработени во јавниот сектор. Тој го стави акцентот и на Стратегијата за реформи на јавната администрациjа чијашто цел е стручна, професионална и департизирана администрација.
Настанот којшто беше одржан во хотел Marriott на 24 септември беше посетен од 32 учесници меѓу кои и медиуми, како и претставници од амбасади и институции, но исто така овозможи и за секој заинтересиран да го гледа настанот во живо на онлајн платформата Zoom при што се приклучија околу 30 учесници онлајн.