КОВИД-19 не е причина за ограничувања на слободата за пристап до информации
28.09.2020 На денешниот Меѓународен ден за пристап до информации, ги повикуваме Владата и јавните власти да дадат до знаење дека тековната КОВИД-19 криза не претставува причина за да се ограничи правото на граѓаните до пристап до информации. Правните и практични постапки за пристап до информации треба да бидат обновени на ниво пред да започне пандемијата, па дури и да бидат подобрени.
Транспарентното и навремено споделување на информациите со јавноста, како на проактивна, така и на реактивна основа, е клучно за заштита на јавното здравје, спречување на корупцијата, заштита на демократските институции и подобрување на донесувањето на политики и одлуки. Сепак, повеќе од шест месеци по прогласувањето на пандемијата, додека многу влади најдоа начини да се вратат во нормално работење и покрај предизвиците создадени од пандемијата, барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер продолжуваат да се одложуваат или одбиваат. Клучните информации за пандемијата и за тоа како владите ги користат јавните средства не се достапни за јавноста на многу места. Ова ги нарушува правата на граѓаните за пристап до информации, да учествуваат во јавен дискурс и да ја сметаат нивната влада за одговорна.
Во многу земји, легитимната загриженост за јавното здравство значи дека се ограничуваат правата за слободно собирање и движење. Другите демократски процеси, како што се лични состаноци со и помеѓу избрани претставници, се ограничуваат. Способноста на медиумите и граѓанското општество да се движат слободно за да известуваат, документираат и разоткриваат злоупотреба на моќ, исто така, сериозно се намалува. Во овие околности, пристапот до информации од јавен карактер станува уште покритичен.
Пристапот до информации е клучна алатка за истражувачките новинари и невладините организации за следење на работата на владините институции. Со широко распространети примери на корупција и честопати неинклузивни политики што ги поткопуваат одговорите и обновувањата на КОВИД-19 низ целиот свет, отвореноста и транспарентноста на владите е значајна повеќе од кога било. Хуманитарната помош и трилиони долари финансирање за време на кризни ситуации не смеат да бидат отворени за злоупотреба, додека граѓаните остануваат во мрак и незнаење за нивната намена и распределба.
Научените лекции од првите шест месеци на пандемијата покажуваат дека довербата во јавните функционери е клучна за ефективни одговори на владата, со што се минимизира влијанието на КОВИД-19 врз животите и егзистенцијата. Оваа доверба ќе се изгуби ако владите не споделуваат информации со граѓаните отворено, а со тоа ќе се поткопа усогласеноста со директивите за јавно здравје и другите мерки за запирање на ширењето на болеста.
Граѓаните не можат да учествуваат во процесот на управување без пристап до информации. Пристапот до информации е од суштинско значење за зајакнување на граѓаните да бараат одговорни влади. Слободата на медиумите, слободата на изразување, и постигнувањето на целите за одржлив развој не можат да се обезбедат без пристап до информации.
Бидејќи земјите (повторно) воведуваат ограничувања кај јавноста заради КОВИД-19, подготовката за вакви мерки секогаш треба да вклучува механизми за да се овозможи продолжување на функциите на Владата кои се клучни за демократските права на граѓаните. Обезбедувањето на непречен пристап на јавноста до информации за кои тие имаат право да бидат информирани не смее да се занемари.
Владите мора веднаш да ги обноват законите и практичните системи за спроведување пристап до информации до нивоата пред да започне пандемијата и да ги подобрат во согласност со меѓународните стандарди и најдобрите практики.