07.02.2007 Корупцијата во политиката и можностите за влијанија во различни сфери, следење на патот на парите од странските донации кои ги добиваат институциите, имотната состојба на именуваните и избраните функционери, како и објавувањето на податоците за нивните богатства на Интернет, се приоритетни задачи за новите антикорупционери. Вториот седумчлен волонтерски состав со петгодишен мандат, вчера, по минатонеделното изгласување во парламентот и положувањето на заклетвата, официјално ја презеде должноста од нивните претходници. Во екипата ќе работат Илми Селами, Ариф Муса, Цветко Мојсовски, Зоран Додевски, Мирјана Димовска, Љубинка Муратовска-Марковска и Мане Колев. „Прашањето околу финансирањето на политичките партии во кампањата за последните парламентарни избори е активирано. Знаеме до каде се дојдени работите. Оценуваме дека токму тоа е подрачјето каде што и во иднина треба да ја насочиме нашата енергија“, изјави Мирјана Димовска, членка на Антикорупциската комисија. Таа предочи дека „недостига повисок степен за сензибилизација на сериозниот проблем со корупцијата“, особено поради фактот што Македонија е рангирана на високо место по степен на корупција. Антикорупционерите веќе ги добиле материјалите за изборната кампања на партиите на кои работела поранешната екипа. |
Димовска смета дека нејзиниот ангажман во Антикорупциската комисија не претставува конфликт на интереси со позицијата главен и одговорен уредник во МРТВ, која според неа е работно место, ниту со медијаторството (таа е член на Управниот одбор на медијатори) кое е струка, а не функција. „Сите во Антикорупциска имаат една основна професија, а ова е волонтерски ангажман“. Досегашната в.д. претседателка Слаѓана Тасева изрази надеж дека нивните наследници ќе имаат подобра соработка со институциите надлежни да постапуваат во случаи на корупција и криминал. Тасева нагласи дека првата антикорупциска постава не воспоставила ефикасна борба против корупцијата најмногу поради објективни состојби. „Ако имавме подобра соработка со Јавното обвинителство и со Јавното правобранителство, ќе имавме и многу поефикасна борба и конкретни корупциски случаи со судски епилог“, изјави Слаѓана Тасева. Државниот завод за ревизија веќе обелодени дека донаторствата во милионски суми евра не биле евидентирани преку жиро-сметки на партиите, а дека електронските медиуми не плаќале даноци на државата. Главни соучесници на партиите во покривањето на луксузната и гламурозната кампања за освојување пратенички мандати биле телевизиите, општините и јавните претпријатија. На избори се трошеле државни пари. Најмногу пари во себерекламирање потрошиле СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, констатира врховната ревизорска институција, излегувајќи со низа факти кои потврдуваат изигрување на Изборниот законик и Законот за финансирање на политичките партии. Извор: Утрински весник |