07.02.2007 Корупцијата е неминовна во општества каде владее мислење дека не може да се заврши ниту една работа без пријатели, политички интерес, непотизам и мито, рече Сузана Салиу од невладината организација Нулта корупција – Транспареност на денешната работилница организирана од оваа организација во рамки на проектот „Подобрување на корпоративниот менаџмент за нулта толеранција на корупцијата“. Целта е, вели таа, да ги слушнеме денеска малите и средни претпријатија, со кои проблеми се соочуваат тие во својата работа и колку тие се сведоци на давање и примање поткуп, а потоа да се создаде етички кодекс на однесување чија доследна примена ќе даде позитивни резултати и во нивното работење и во борбата за сузбивање на корупцијата. На досегашните работилници спроведени во рамки на проектот со претставници од секторот трговијата и индустријата е посочено корупцијата најмногу се јавува во администрацијата, судството, катастарот, полицијата и царината. |
Според Антонија Јосифовска, неразвиената економија, високиот дефицит, невработеноста и високите каматни стапки се дел од причините за појава на корупцијата, а кои пак, како што рече, се резултат на лошата макроекономска политика спроведувана во изминатите 16 години наметната од надвор. – Добро е што новата Влада е свесна дека со преговори со Меѓународниот монетарен фонд може да се направи нешто да се промени во политиката како што беше случајот со даноците, рече Јосифовска. Таа смета дека позитивно влијание ќе имаат и мерките што ги презема Владата на полето на промоцијата за инвестиции. По оваа трета работилница одржана во рамки на Проектот ќе следат уште пет со претставници од услужната дејност, банкарскиот сектор, медиумите, агро секторот и информатичката технологија.
Извор: МИА |