06.02.2007 Партиите, пред се', СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, и телевизиите најмногу ги прекршиле Изборниот законик и Законот за политичките партии на последните парламентарни избори, утврди Државниот завод за ревизија (ДЗР). Ревизорите утврдиле дека телевизиите им наплатувале на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ поевтино отколку што пријавиле во Советот за радиодифузија. Разликата помеѓу цените пријавени во Советот и фактурираните за рекламирање на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ на националните електронски медиуми е 2,1 милиони евра. Врз основа на Законот за финансирањето, ДЗР ја пресметува оваа сума како донација на партиите добиена од телевизиите. Според ревизорите, телевизиите го прекршиле Изборниот законик бидејќи фирма не смее да и' донира повеќе од 20.000 евра на партија. Двете партии со примањето на донациите го надминале законски дозволениот износ од 1.7 милион евра што можат да го потрошат за предизборна кампања. |
Ревизорите утврдиле дека НСДП е спонзорирана од електронските медиуми со над 174 илјади евра, ВМРО-НП со 289 илјади евра, а ДУИ се рекламирала на телевизијата Алсат-М со над 13 илјади евра поевтино од пазарната цена. ДПА на истата телевизија направила долг од околу 14 илјади евра, но ревизорите не добиле документ дека партијата го платила. Овие приходи и трошоци на партиите, не се евендентирани преку нивните жиро-сметки, при што не е платен данок на државата. ДЗР не добил детални информации од Советот за радиодифузија за рекламирањето на партиите на локалните електронски медиуми. Локалните медиуми не му доставиле на Советот ценовник на услугите иако тоа е нивна законска обврска. Во ревизорскиот извештај пишува дека во простории на општините биле сместувани изборни штабови на партиите без да се плати кирија, а биле користени и возила без надомест. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ изнајмувале автобуси на ЈСП „Скопје“ по цена пониска од пазарната. Јавното претпријатие за стопанисување станбен и деловен простор, му го издало на СДСМ Градскиот стадион во Скопје за митинг по несоодветно ниска цена. ДЗР не ги добил ценовниците од јавните претпријатија за да пресметаат со колку пари тие ги спонзорирале партиите. Според Законот за политичките партии, партијата е должна во рок од 10 дена по добивањето на донацијата од јавно претпријатие да го извести донаторот и да ја врати во рок од 30 дена. Во спротивно, партијата го губи правото на финансирање од државниот буџет. Ревизорите истакнуваат дека во Изборниот законик нема пропишани казни за донаторите, кои им дале на партиите повеќе од 20 илјади евра, како што нема казни за недоставување на официјалните ценовници до партиите, што е законска обврска. Извор: Дневник |