12.02.2007 Решителна политичка волја е клучна во борбата против корупцијата – оцени денеска вицепремиерот за евро интеграции Габриела Коневска Трајковска „Борбата против корупцијата е борба на изразена политичка волја. Може да има идеални закони, но, ако не се спроведуваат, нема да има резултати“, изјави Коневска-Трајковска, зборувајќи на денешниот собир на здружението „Нулта корупција“, на тема „Мониторинг на имплементацијата на Декларацијата „0“ толеранција за корупцијата“ во приватниот и јавниот сектор. Македонија е на 105-то место во светот по корумпираност, од вкупно 165 држави, каде се испитувала оваа појава. Појаснувајќи го овој податок, Коневска-Трајковска потенцираше дека случаите против корупција се тешки бидејќи тешко се докажауваат, а како проблем ја издвои и недовербата на граѓаните во институциите.
|
Потребата од политичка волја на денешната средба ја потенцираше и претседателот на „Нулта корупција“, Мето Јовановски. „Овчарот не е причина за корупција, тој е последица. За да го најдеме коренот треба да дојдеме до политичарот“, појасни првиот човек на „Нулта корупција“. „Нулта корупција“ организира шест работилници посветени на клучните проблеми во борбата против корупцијата, а целта на денешната тркалезна маса е согледување на нивото на соработка, координација и партнерство во сферата на приватниот и јавниот сектор.
Извор: Макфакс |