21.02.2007 Шеесет функционери, несразмерно на месечните чиновнички плати, го зголемиле својот капитал, но не го пријавиле, избегнувајќи ја законската обврска да и' платат данок на државата. Во Управата за јавни приходи тврдат дека бројката на даночни затајувачи од браншата на избраните и именуваните во институциите од централната, судската и локалната власт не е конечна и дека секојдневно се зголемува. Само во последните неколку месеци под лупа на УЈП се тројно повеќе предмети за криење имот, првично евидентираните 18 најнапред рипнаа на 48, а сега ги има повеќе од 60. Даночниците велат дека финиширале четири постапки за затајување данок, а другите се во тек на решавање. Имиња на збогатените не се обелоденуваат во интерес на завршницата, но најавуваат транспарентност. Во УЈП признаваат дека постапката околу решавање на предметите е мачна бидејќи „и од двете страни има силни борци“. Притоа, потврдуваат дека меѓу четворицата е судијката Снежана Попчевска, чиј имот е замрзнат и за кој, затоа што не бил пријавен, таа треба да плати 28.000 евра. Таа била на распит во УЈП, каде што објаснувала како ги стекнала неоданочените 40.000 евра и зошто не ги пријавила како прилив на пари. |
„Го докажавме патот на парите во случајот на судијката Снежана Попчевска и откривме дека станува збор за повеќе од 40.000 евра. Таа на име данок ќе треба да плати 1,7 милиони денари. Имотот е замрзнат преку судот. Течат жалбените рокови, а предметот се наоѓа пред Министерството за финансии, кое е должно во рок од 60 дена од приемот на жалбата да даде одговор. Случајот е проследен и до сите други надлежни институции кои треба да утврдат дали има елементи на злоупотреба, на кривично дело“. Ова го изјави неодамна директорот на Управата за јавни приходи, Горан Трајковски, кој децидно најави дека ќе ги објави имињата на оние што не го пријавиле својот имот и кои ќе бидат оданочени со стапка од 70 отсто. Доколку досиејата се поткрепат со повеќе докази, тогаш најверојатно ќе има доволно елементи да се тргне во кривично гонење. Најважно е да се дознае дали некој стекнат имот е пренесен на друго име, а доколку се утврди дека е така, тогаш ќе излезе на виделина мотивот за прикривање на потеклото на неподвижниот имот, куќа, стан, викендичка… Со добро аргументирано обвинение потоа ќе може да се отвори судска постапка, а дали ќе биде извлечено или заборавено во лавиринтите на делителите на правдата, допрва ќе се знае. Сепак, во УЈП не сакаат да ги потврдат сознанијата на некои дневни весници дека меѓу затајувачите, за кои веќе биле подготвени решенија, се поранешниот министер за здравство Владо Димов и актуелната градоначалничка на скопската општина Центар, Виолета Аларова. За четвртото име се шпекулира дека е од правосудството. И првиот даночник посочи дека најголем дел од функционерите биле „лица во бели мантили“, чии имоти ќе биле големо изненадување за јавноста. Поранешниот министер за здравство, кој не е во земјава, наводно, поседувал акции во многу фирми и веледрогерии. Аларова, пак, располагала со станови и со градежно земјиште кои не можела да ги купи со платата. Имотните листови што ги пополнуваат носителите на јавни функции тогаш кога доаѓаат на власт, кога си заминуваат и кога имаат некаква промена во материјалната состојба, мора да се коригираат. Но, за жал, тоа не се практикува кај нас. Во другите демократски земји, па и во бившојугословенските републики, функционерите внесуваат промени во имотните прашалници, бидејќи станува збор за жива материја. Така, на пример, хрватскиот премиер Иво Санадер внел промена во својата картичка со имот, наведувајќи податок дека во сопствеништво има „различни подвижни предмети – мебел, теписи, бела техника, па и часовници, во вредност од 1,5 милион куни, односно околу 200.000 евра“. Извор: Утрински весник |