07.03.2007 Миодраг Стевановиќ, поранешниот заменик-јавен правобранител, украл три предмети за денационализација од своите колеги и доделил атрактивно државно земјиште од 12.000 квадратни метри во Аеродром на пет скопјани, утврдило МВР во предистражната постапка.
Заменик-јавниот правобранител Стевановиќ и архиварката Љубица Минчоровска од завчера се во истражниот затвор Шуто Оризари, откако им беше изречена мерка притвор од 30 дена. Стевановиќ се товари за злоупотреба на службената положба, а Минчоровска за помагање. Истиот заменик-правобранител ги бранеше интересите на државата во случаите „Бачило“ и „УПА Ентерпрајс“, каде што државата загуби околу два милиони евра. |
Според МВР, во 2005 година во Јавното правобранителство биле донесени три решенија од второстепената владина комисија за денационализација, потпишани од тогашниот претседател на комисијата Саша Андоновски, кој е притворен за истиот случај. Според решенијата, на скопјаните Владимир Димитров, Слободан Димитриевски, Гоце Димитриевски, Даринка Тодоровска и Благоја Неделковски со денационализација требало да им се додели атрактивно државно земјиште. На овие решенија, кои стигнале во правобранителството, постоела можност за тужба по управен спор до Врховниот суд. Минчоровска, која ги примила решенијата, наместо да ги заведе во интерните книги на двајцата надлежни заменик-правобранители, му ги предала на Стевановиќ. Тој своерачно потпишал дека не вложува тужба по управен спор, и покрај тоа што не бил овластен да постапува по тие предмети. Со тоа, решенијата станале правосилни и државата изгубила државно земјиште од 12.000 квадратни метри. Ова решение, според МВР, веднаш било спроведено во Секторот за премер и катастар додека со оваа институција раководела Емилија Алексова, која е една од обвинетите за истиот случај. На петте скопјани по итна постапка им бил издаден имотен лист.
Истрагата утврдила дека веднаш потоа, пензионерот Ордан Милановски (кој се јавува како полномошник на петте скопјани) склучил купопродажен договор со АД „Скопски пазар“ кај нотарот Михаил Ќосев. На сметката на Ордановски, „Скопски пазар“ во два наврати префрлил повеќе од еден милион евра за атрактивното земјиште. Пензионерот ги подигнал парите, но не им ги предал на оштетените пет скопјани.
Извори од истрагата велат дека со ова се повеќе се продлабочува случајот „Денационализирано земјиште во центарот на Скопје“, кој истражните органи го поврзаа и со случајот „Бачило“. Во двата случаи, државата е оштетена за околу 6 милиони евра, бидејќи на ист начин и спротивно на законот било препродавано атрактивно државно земјиште. За сето ова, до Врховниот суд не стигнала ниту една тужба по управен спор.
Истражните органи потврдуваат дека случаите „Бачило“ и „Денационализација“ нема да завршат само на притвор за бившиот -правобранителот и најавуваат и други апсења. Засега за случајот се обвинети 23 лица, од кои 10 се во притвор. Утре се очекува Судскиот совет да ја разреши Снежана Попчевска, судијката што го водеше случајот „Бачило“.
Извор: Време |