13.03.2007 Воспоставување на етички кодекс и следење на меѓународните деловни принципи е целта на денешната работилница што ја организира „Нулта корупција”. Работилницата, која се одржа во хотелот Стоун Бриџ, е посветена на темата ”Подобрување на корпоративниот менаџмент за нулта толеранција за корупцијата”, а денеска се организира во рамки на секторот за услужни дејности. Особен акцент, истакнаа организаторите, треба да се стави на заложбите за транспарентен менаџмент, зајакнување на етичкото управување, транспарентност во работењето и подобрување на корпоративното управување. |
Професорот Панче Јовановски, кој учествуваше во денешната дискусија, даде краток осврт на светските економски прилики и посочи дека „новата Студена војна е се посуптилна, а во неа мозоците војуваат со мозоци“.
„Колку е помало нивото на знаење толку е поголема можноста за цутење на коруптивниот пиреј“, истакна Јовановски, кој потенцираше дека Македонија, како и другите држави во светот, треба да го искористи знаењето како одлучувачки фактор. Професорот Горан Коевски ја збогати дискусијата со компаративните примери за примената на корпоративното управување. Појасни дека на среден рок компаниите ќе почуствуваат бенефит од примената на овие меѓународни стандарди. Денешната работилница е четврта по ред, а предвидено е одржување на дополнителни четири работилници посветени на различни стопански сектори.
|