19.03.2007 Каква вода пиеме? Колкави се платите на функционерите и на државните службеници? Што содржи сопственото болничко досие? На овие и многу други прашања граѓаните можат да побараат одговор од институциите. Во изминативе шест месеци од функционирањето на Законот за слободен пристап до информации, 513 граѓани поднеле барање за добивање информации од јавен карактер. Граѓаните своето право да бараат информации од јавен карактер од институциите и воопшто од имателите на информации го стекнаа на 1 септември 2006 година, кога почна со имплементација Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Големо интересирање се покажува за информациите од Министерството за труд и социјална политика, од МВР, од Управата за јавни приходи на град Скопје,како и од А.Д. „Топлификација“. Сепак, најбарани информации се оние кои се однесуваат на финансиското работење на институциите и на тендерските распределби. |
„Првпат граѓаните имаат можност да бараат изготвени документи од имателите на информации. Граѓаните на Македонија имаат право да побараат документ за анализата на водата што ја пиеме, може да дознаат за платите на службениците во јавната администрација, на функционерите, како и да побараат документ со информации од јавен карактер од училиштата. Исто така, секој пациент од болницата може да го побара своето болничко досие“, вели Јанко Николовски, претседател на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер. Ова се само дел од информациите кои може да се побараат од имателите на информации кои, според Комисијата, ги има над илјада. Според одредбите овој Закон, граѓаните немаат право да бараат дообјаснувања на одредени решенија, да речеме судски одлуки, а немаат право да бараат ниту документ кој е во изработка. Какво е значењето на Законот? „Факт е дека Законот за пристап до документи од јавен карактер, можеби не утре, но во догледно време секако дека ќе помогне во борбата против корупцијата, како и во подобрување на ефикасноста на јавната администрација. Само власт која е транспарентна има кредибилитет кај гласачите“, додава Николовски. Првиот човек на Комисијата објаснува дека, со оглед на тоа што Законот се' уште е новина, граѓаните не се навикнати на своите новостекнати права во оваа област, а кај дел од имателите на информациите постои отпор при давањето податоци. „Досега се евидентирани 450 иматели на информации, иако нивниот број треба да е двојно поголем. Но, не сите иматели на информации имаат свест дека треба да се регистрираат како иматели на информации, а некои одбиваат да се водат како такви. На пример, Нотарската комора не сака да се регистрира како имател на информации од јавен карактер. Подигањето на свеста за значењето на овој Закон е многу битно. За имателите на информации веќе се организирани обуки, кои ќе се прават и во иднина. За барателите на информации е значајно да се објаснат законските одредби. Апелирам и до јавните гласила подобро да ги запознат граѓаните со нивните права и обврски, но и со значењето на Законот“, потенцира Николовски. Според направените истражувања, граѓаните најлесно добиваат одговор за секојдневната работа на институциите (за буџетите, за статутот, за програмата), додека многу потешко се даваат одговори на прашања од типот: колкава е платата на советниците и градоначалниците? Надлежните не се заинтересирани да дадат одговор ни за прашањата од животен интерес, како на пример, каков е квалитетот на водата што ја пиеме… „Администрацијата се' уште тактизира кога треба да издаде документ со информации од јавен карактер. Понекогаш наместо одговор се дава мислење, кое никаде не е спомнато како опција за одговор во Законот за слободен пристап до информации. Кога барателите ќе поднесат жалба, таа стасува до Комисијата, буквално еден ден пред истекот на рокот, што е недозволиво. Исто така, имателите на информации од јавен карактер не смеат да го прашуваат барателот зошто сака да му се издаде одреден документ“,објаснува Николовски. Два случаја за пристап до информации од јавен карактер се водат и пред Врховниот суд. „Овие два случаја се специфични, бидејќи станува збор за класифицирани информации. Првпат Комисијата ќе се соочи со таканаречениот ’харм тест‘, што значи дека ќе мора да одмериме дали од некоја информација ќе се има повеќе штета или корист, доколку информацијата остане класифицирана или не“, нагласува Николовски. Извор: Утрински весник |