04.04.2007 Промена на свеста кај граѓаните и воведување на построги закони се клучни во борбата против корупцијата. Ова се заклучоците од денешната тркалезна маса, што ја организираше „Нулта корупција“, на тема „Соработката меѓу политичкиот и граѓанскиот сектор“. Организаторите на тркалезната маса, особено се задржаа на средствата што политичките партии ги потрошија за време на минатогодишната кампања за парламентарните избори, при што беа објавени нови податоци, кои не соодветствуваа со оние што партиите претходно ги пријавија. Се работи за податоци собрани во десет градови, според кои парите што ги потрошиле најголемите македонски политички партии, се разликуваат од претходно пријавените суми, а разликите се дури и до два милиона евра. Ваквата појава беше поврзана со целокупната корумпираност во државата, што според учесниците многу често се поврзува со политиката. |
„Овој проблем е директно поврзан со драстично малите казни за организаторите на изборните кампањи“, изјави претседателот на невладината организација(НВО) „Мост“, Дарко Алексовски, според кого предизборната кампања на некои политички партии минатата година чинела и до четири милиони евра. Тој, меѓудругото, јавно запраша која политичка партија објавила ревизорски извештај лани, и потенцираше дека проблем се длабоко нарушените внатрепартиски концепти, според кои политичарите со пари си обезбедуваат функционерски места. Претседателот на советот за радиодифузија, Мирче Адамчевски, кој исто така се осврна на финансирањето на партиите, побара укинување на платената политичка програма, како мерка која ќе ги намали трошоците на партиите. Борбата против корупцијата би била успешна доколку се смени свеста кај граѓаните, смета Љубица Рубен, член на НВО „Акционер 2001„. „Осуда за корупцијата нема ниту од институциите ниту од граѓаните. Тие не се подготвени корупцијата да ја гледаат како криминал и токму поради тоа кампањата треба да се насочи токму кон најмладите“, појасни Рубен. Дел од учениците во таа насока побараа повторно враќање на етиката во училиштата, со цел најмладите повторно да ги изучуваат моралните правила. „Една анкета покажа дека 61 насто од запрашаните учесници , кои биле студенти, би се зачлениле во политичка партија само за полесно да се збогатат“, изјави доц. д-р Етем Азири, кој исто така смета дека етиката треба да биде дел од образованието на учениците.
Извор : Макфакс |