12.04.2007 Седум години без пресуда во случајот на прислушуваните новинари против државата е најматен настан во март 2007, во однос на корупцијата во Македонија и борбата против неа. Ова го покажаа резултатите од редовната месечна анкета „Барометар на корупцијата“, што ја спроведуваат невладината организација „Нулта корупција“ и Независната новинска агенција Макфакс, а во која гласаат уредници на национални медиуми во Македонија. За истиот месец, како најпозитивен настан во борбата против корупцијата, е оценето исклучително големото пријавување на екстра приходи за даночење во Управата за јавни приходи, каде до последниот рок, 15 март, над 15 илјади граѓани доставиле годишна даночна пријава. Случајот „Седум години без пресуда за прислушуваните новинари“ беше понуден за гласање во рубриката „матно“, зашто на почетокот на месецот се навршија точно седум години од тужбата и судскиот процес што го поведоа 17 прислушувани новинари, а надлежниот суд во Скопје, се уште не донел ниту една судска одлука за овој случај. |
Аферата избувна на крајот на 2000 година, кога Бранко Црвенковски, тогаш лидер на опозицијата обелодени стенограми на телефонски разговори на прислушувани политичари, новинари и дипломати. На 19 март годинава, повторно, по четврти пат е сменет судијата од предметот, а новата судијка продолжението на процесот го закажа за во јуни.
Ова беше најматен настан во март за 12 од 16-те главни уредници колку што учествуваа во анкетата. Тие се согласија со образложението дека „одложувањето на донесување на првостепена пресуда, може да се смета како политичка корупција во која се инволвирани извршната власт и судството. Штетата за државата, освен материјална е и политичка..“ На втор и трето место со по 4 и 2 гласа во рубриката „матно“, се пласираа коруптивната поделба на социјални станови на директори и други државни службеници во Дебар и Гевгелија, и новите случаи на откривање на злоупотреби на полицајци и цариници од страна на МВР и Царинската управа. Во рубриката „бистри“ настани во март, 13 од 16-те уредници се определија за Пријавувањето на екстра приходи од над 15 илјади граѓани. „Бројот на граѓаните кои пријавуваат екстра приход се зголемува секоја година или за илустрација во 2003, поднесени се 8.800 годишни даночни пријави, во 2004 година – 10.158, а во 2005 година – 10.212 граѓани пријавиле во УЈП дека остваруваат екстра приходи. Управата во наредниот период ќе проверува дали податоците во годишните даночни пријави соодветствуваат со реалните бројки за остварени приходи, а први на удар ќе бидат пријавите на 60 функционери за кои во УЈП се водат постапки за испитување на нивниот имот“, беше образложението за овој настан. Анкетата „Барометар на корупцијата“ се спроведува месечно од декември 2004 и во неа учествуваат главни уредници на речиси сите релевантни печатени и електронски национални медиуми. Во анкетата за март учествуваа главните уредници на телевизиите А1, Алсат–М, Сител и Телма, радиото Канал 77, весниците Дневник, Вест, Утрински весник, Време, Вечер, Факти, и Бизнис, неделниците Фокус, Капитал и Актуел и електронското издание на „Лоби“. |