03.05.2007 Македонија е оценета како земја во која има делумна слобода на медиумите, а со таа оценка се согласуваат и некои главни уредници на медиуми во земјава Во Македонија има делумна слобода на медиумите. Правниот систем во земјата главно ги содржи основните права за заштита на слободата на медиумите и изразувањето, а владините претставници генерално ги почитуваат овие права. Сепак, голем број државни и приватни медиуми во Македонија имаат блиски односи со политичари и со бизнисмени, кои ги пласираат своите интереси преку нив, а државните медиуми имаат тенденција да ги поддржуваат владините позиции. Ова е оценката за Македонија во последниот извештај на организацијата „Фридом хаус“ со седиште во Вашингтон, објавен по повод 3 Мај – Денот на слободата на медиумите. Македонија годинава е рангирана на 98. место, со Босна и Херцеговина, од вкупно 195 земји, кои се оценуваат според правната, политичката и економската рамка. Слободни медиуми се тие што собрале од 0 до 30 поени, делумно слободни од 31 до 60, а неслободни од 61 до 100 поени. Македонија доби 45 поени и од земјите во регионов зад неа се само Албанија и Турција. |
Во извештајот пишува дека и покрај многуте тужби за навреда и за клевета, македонските новинари од 2001 година, релативно не се изложени на психолошки притисоци. Македонскиот медиумски простор е премногу густ за бројот на популацијата во државата, оценува „Фридом хаус“ и додава дека има пет приватни национални телевизии, 50 локални телевизии, 160 радиостаници и речиси 20 весници.
Тоа, според организацијата, резултира со намален приход од маркетинг, намален број вработени и со отсуство на професионализам. Аналитичарите забележуваат дека преовладуваат извештаи во кои се шпекулира и во кои се цитираат анонимни извори. – Констатацијата во извештајот на „Фридом хаус“ е нешто што трае и што ни е многу добро познато во Македонија. И минималното подобрување на позицијата во однос на минатата година е сепак некаков напредок, но дефинитивно се' уште остануваат сериозните односи меѓу бизнис-интересите, политиката и влијанието врз медиумите – вели Роберт Поповски, претседател на Здружението на новинари на Македонија. Според него, за да се подобри сегашната ситуација, е неопходен влез на странски капитал, кој, веројатно, ќе го растовари ваквото провинциско однесување кон медиумите. Со оценката на меѓународната организација се согласува и Ерол Ризаов, главен уредник на „Утрински весник“, кој вели дека е мошне реална. – Можеме да бидеме незадоволни, но објективната ситуација е таква и најголем проблем кај македонските медиуми е сопственоста. Од пет национални телевизии, три се во сопственост на партиски лидери, една е на голема трговска нафтена компанија, а една е нереформиран национален сервис – оценува Ризаов. Според него, во печатените медиуми е евидентно кршењето на Законот за радиодифузијата бидејќи сопственикот на една од најмоќните телевизии има два весника. Тоа е евидентно кршење на Законот, кое го толерираат сите влади, вели тој. Друг проблем, според него, е дека Владата, со јавните установи и претпријатија, стана најголем огласувач во државата, но ги избира медиумите, што личи на купување доверба. Излезот од ваквата ситуација Ризаов го гледа во решавање на проблемот со сопственоста и во регулатива според европски стандарди. За уредникот во Канал 77, Столе Наумов, кај македонските медиуми има слобода, но впечатокот е лажен поради големиот број медиуми, особено електронски. Таа слобода и подарокот (концесијата) треба да се одработи. – Слободен е човекот што е финансиски самостоен. Тоа важи и за медиумите. колку се финансиски понезависни, толку се пообјективни – вели Наумов. Медиумите на малцинските јазици во Македонија, според „Фридом хаус“, главно се потпираат на странска помош, што се докажа дека не е целосно одржливо. „Нема целосно државно контролирани печатени медиуми, но приватните весници се главно концентрирани во германската групација ВАЦ, која ги поседува трите главни дневни весници“, пишува во документот. Слобода само во третина од светот Само една третина од 195 држави и територии во светот имаат слободни медиуми, делумно слободи постојат во четвртина анализирани земји, а во 63 држави не постои слобода на информирање. Државните удари, тиранските влади и убиствата на новинари се само некои од причините зошто во 2006 година имало влошување на слободата на говорот, особено во државите од поранешниот Советски Сојуз, Азија и во Латинска Америка, пишува во извештајот на „Фридом хаус“. Во неа се прецизира дека само 18 отсто од жителите на Земјата живеат во држави каде што постои слобода на медиумите.
Извор: Дневник |