ДЗР утврдил расфрлање со парите на граѓаните

assembly 

04.05.2007 Најмалку 75 милиони евра ненаменски и спротивно на законите потрошиле во текот на 2004 и 2005 година Собранието, повеќе јавни претпријатија, здравствени центри, општини и други буџетски корисници, утврдиле ревизорите во Државниот завод за ревизија по контролите извршени во минатата година. Парите на граѓаните без посебни критериуми се делеле за исплата на повисоки плати од пропишаните, за надоместоци врз основа на договор на дело, хранарина и на работи што воопшто не биле планирани во рамките на внатрешните буџети на институциите.


Само во 2005 година, ненаменски биле потрошени околу 72 милиони евра. Во 40 ревизорски извештаи било утврдено дека спротивно на законот за извршени услуги по договори на дело биле потрошени повеќе од 2 милиони евра. Во истите извештаи се покажало дека безмалку 200.000 евра биле исплатени без воопшто да се склучат договори или пак над договорениот лимит. Контролите покажале дека истата година околу 1,4 милиони евра биле потрошени за неоснована исплата на плати и надоместоци. Од нив, само Собранието незаконски исплатило повеќе од 100.00 евра на пратеници што подолг период не присуствувале на работата во парламентот и дури околу 400.000 евра за надоместок за вршење на функцијата пратеник иако овој надоместок бил укинат во јуни 2005 година. Субјектите што ги контролирале во ДЗР, преклани потрошиле повеќе од 57 милиони евра кои не биле предвидени во нивните буџети. Само Фондот за здравствено осигурување потрошил околу 50 милиони евра. 

Медиумите и политиката во блиски односи

mediumi 

03.05.2007 Македонија е оценета како земја во која има делумна слобода на медиумите, а со таа оценка се согласуваат и некои главни уредници на медиуми во земјава 

Во Македонија има делумна слобода на медиумите. Правниот систем во земјата главно ги содржи основните права за заштита на слободата на медиумите и изразувањето, а владините претставници генерално ги почитуваат овие права.

Сепак, голем број државни и приватни медиуми во Македонија имаат блиски односи со политичари и со бизнисмени, кои ги пласираат своите интереси преку нив, а државните медиуми имаат тенденција да ги поддржуваат владините позиции. Ова е оценката за Македонија во последниот извештај на организацијата „Фридом хаус“ со седиште во Вашингтон, објавен по повод 3 Мај – Денот на слободата на медиумите.

Македонија годинава е рангирана на 98. место, со Босна и Херцеговина, од вкупно 195 земји, кои се оценуваат според правната, политичката и економската рамка. Слободни медиуми се тие што собрале од 0 до 30 поени, делумно слободни од 31 до 60, а неслободни од 61 до 100 поени. Македонија доби 45 поени и од земјите во регионов зад неа се само Албанија и Турција.