13.05.2007 Судскиот совет ќе биде комплетиран во текот на неделава, ветуваат припадниците на етничките заедници. Според извори на Вечер, малцинските групи се подготвени да попуштат во дел од новните барања, по што Советот по половина година конечно ќе може да ги добие останатите пет члена, двајца по предлог на претседателот Бранко Црвенковки и тројца избрани од страна на пратениците во Собранието. Според нашиот извор, во текот на неделата ќе биде надмината спрегата меѓу припадниците на етничките заедници и ставот на Владата. И пратеникот Кенан Хасипи, претседател на пратеничката група на етничките заедници вели дека иако до сега немало нови преговори со Владата, време е неделава конечно да се затвори тоа прашање. Според него, тие остануваат со истите барања, но сепак, како што кажа има простор да се најде соодветно решение. |
Нивните услови за да го поддржат предлогот за останатите членови на Советот остануваат исти. Тоа се гарантирани места на етничките заедници, Закон за правата на малцинските заедници, како и Министерство за човекови права и права на малцински заедници. Во меѓувреме забелешките на Европската унија постојано се упатувани на адреса на судството. И во Кабинетот на претседателот Бранко Црвенковски велат дека во сите разговори со претставници на ЕУ прва точка за критикување е токму некомплетирањето на Судскиот совет. На таа тема, објаснуваат тие, нема простор за правдање.
Извор: Вечер |