16.05.2007 Околу педесетина службеници во Државниот завод за геодетски работи биле преместени да работат во друг град бидејќи навреме не ги завршиле предметите или ги решавале преку ред. Таквиот однос на службите во Катастарот се провлекуваше со години наназад и најчесто оваа институција беше посочувана како пример за мито и корупција и главниот кочничар за влез на странските инвеститори. Директорот на Државниот завод, Љупчо Георгиевски ветува дека ќе стави крај на ваквото комотно работење на службите во Катастарот. – На неколку вработени им е изречена суспензии, а против неколкумина се поднесени и кривични пријави. Во Катастарот воведовме строги критериуми и вработените добија наредби да ги решаваат предметите најбрзо што можат. Сега имотните листови ги издаваме за само еден час – вели Георгиевски.
Во моментов, бројот на нерешени предмети во Катастарот е околу 11.000. Георгиевски вели дека до пред една година таа бројка изнесувала 21.000 во која имало предмети што датираат од 2003 и 2004 година. |
– Новиот закон за катастар на недвижности што е во подготовка треба уште повеќе да ги поедностави процедурите за граѓаните да не се влечкаат по шалтери, а нашите услуги да ги добиваат во законските рокови. Нацртот на новиот закон треба да го презентираме пред мисијата на Светската банка која на 22 овој месец доаѓа во земјава. Дали овој Нацрт ќе претрпи измени или ќе се оди во оваа верзија ќе зависи од нивните забелешки – нагласува Георгиевски.
Со новиот закон е предвидено Државниот геодетски завод да стане самофинансирачка агенција, а службениците да бидат изземени од Агенцијата за државни службеници со што би се избегнал бирократскиот начин на работење.
До крајот на 2006 година биле евидентирани 53 проценти од недвижностите во земјава. Во моментов запишани се околу 63 проценти, а до крајот на годинава се очекува да достигне до 68 проценти.
Извор: Вечер |