Катастарот се чисти од митаџии

katastar

 16.05.2007  Околу педесетина службеници во Државниот завод за геодетски работи биле преместени да работат во друг град бидејќи навреме не ги завршиле предметите или ги решавале преку ред. Таквиот однос на службите во Катастарот се провлекуваше со години наназад и најчесто оваа институција беше посочувана како пример за мито и корупција и главниот кочничар за влез на странските инвеститори. Директорот на Државниот завод, Љупчо Георгиевски ветува дека ќе стави крај на ваквото комотно работење на службите во Катастарот.

– На неколку вработени им е изречена суспензии, а против неколкумина се поднесени и кривични пријави. Во Катастарот воведовме строги критериуми и вработените добија наредби да ги решаваат предметите најбрзо што можат. Сега имотните листови ги издаваме за само еден час – вели Георгиевски.

 

Во моментов, бројот на нерешени предмети во Катастарот е околу 11.000. Георгиевски вели дека до пред една година таа бројка изнесувала 21.000 во која имало предмети што датираат од 2003 и 2004 година.