15.06.2007 Македонија се' уште претставува рај за перачите на пари. Борбата против корупцијата и криминалот не подразбира пароли, туку конкретни чекори во системот на институции и соодветни реакции на клучните луѓе, порачуваат експертите. Можеме да ја донесеме поранешната романска министерка за правда Моника Маковеј кај нас, но тоа не е гаранција дека ќе бидеме успешни во справувањето со криминалот и корупцијата. Секоја држава функционира на различен законодавен и институционален начин. Странците се немоќни да предложат механизми кои би биле ефикасни во нашите услови, бидејќи тоа дава позитивни резултати во нивни услови. Не е никаква тајна дека живееме во општество што работи исклучиво со готовина. Секојдневно се внесуваат пари во финансискиот систем на државата и се прикажуваат како готовински пазар. Тоа се прави преку пицериите, бензинските пумпи, преку фирмите и трговските друштва кои работат директно со кеш. Токму таму треба да се препознае перење пари и да се алармира. Имаме илјада прашалници околу нас од каде потекнува нешто, како се збогатиле некои луѓе. Кој да открие? |
Според експертите, превенцијата и контролата припаѓаат на финансискиот сектор, на банкарските институции, трговските друштва и претпријатија кои на административно ниво треба да препознаат или да пријават случај на трансакција над одреден износ. Но, државата има многу слаб систем на превенција и контрола и неискуство во репресијата на перењето пари. Нема доволна подготвеност и храброст во институциите и кај клучните луѓе во нив да се справат со овој феномен, паралелно со истрагата за криминалот, да водат и финансиска истрага.
Пензионираниот професор по кривично право Љупчо Арнаудовски вели дека во Македонија нема политичка волја за борба против организираниот криминал. „Не е проблемот во тоа што судиите не ја познаваат проблематиката. Тие не се подготвени да преземат одговорност за сериозни облици на криминал, како што се перењето пари или трговијата со луѓе. Судијата е човек и нему, покрај знаењето, му требаат други квалификации што ќе го направат вистински судија“, вели Арнаудовски.
Извор : Утрински весник |