Станува збор за производство на југословенскиот тенк М84АБ, кој е правен врз основа на советскиот тенк Т-72, наменет за извоз конкретно во Кувајт. Сето тоа се водело како проект „Капела“, поради тоа што била формирана работната оперативна група Капела. Тоа биле воени инженери на ЈНА, кои во Москва го проучувале тенкот Т-72. За развојот на југословенската верзија стигнале 4 камиони со документација од тогашниот СССР. Требало да се извезуваат тенкови и во Пакистан и во Индија, но поради распадот на СФРЈ, тој проект пропаднал. За развој на самиот тенк биле ангажирани 22 фабрики и 2.000 кооперанти низ СФРЈ, а главен носител на проектот било Одделението за специјални возила на фабриката „Ѓуро Ѓаковиќ“ во Хрватска. Инвеститор била некогашната СДПР (Сојузна дирекција за производи со посебна намена). СДПР не им дала никаква гаранција на производителите (банкарска гаранција или слично). Македонскиот удел во целата зделка бил околу 2 отсто. Биле вклучени трите дела на МЗТ (ФОП, Пумпи и Специјални возила), како и „Еуроинвест“ („Еурокомпозит“ сосе „Еуроламинати“). Покрај овие фирми, свое учество имале и „Руен“ од Кочани, а некои гумени делови ги произведувала „Газела“. Ниту една од овие фирми не тужела за „Капела“.
– Извозот предвидуваше 150 тенка за Кувајт по цена од 1,6 милион американски долари за тенк. Производствената цена на тенкот беше 700.000 долари – вели нашиот соговорник. Во 1991 година Владата го овластила Љубе Трпески, тогашен министер без ресор, да побара враќање долг за проектот „Капела“ при поделбата на имотот на СФРЈ во ООН. Трпески не успеал во намерата. Имало предлог и до првата влада, на Никола Кљусев, да се обнови производството на М84АБ. Ваквиот предлог всушност бил на фабриката „Ѓуро Ѓаковиќ“. Кљусев се согласил, но само ако произведените тенкови бидат за извоз.
Во меѓувреме падна владата на Кљусев, а неговиот наследник Бранко Црвенковски ја отфрлил идејата. Претпоставка е дека тужбата на „Еурокомпозит“ е базирана на барањето за наплата на долгот од оставината на СФРЈ, што Трпески не успеал да го издејствува бидејќи судот на ООН проценил оти нема основа. Илија Маркушески, директорот на „Еурокомпозит“, вчера не беше во можност да коментира, но најави дека денеска ќе го разјасни овој случај.
Извор : Време
|