30.07.2007 Граѓаните не можат да се заштитат од предолгите судски процеси, иако со новиот закон за судови им е дадено тоа право да го остваруваат во Македонија наместо, како досега, само пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Дваесетина граѓани од почетокот на годинава, кога законот стапи во сила, поднесле барања за заштита на правото на судење во разумен рок, но Врховниот суд не ги решава оти нема како. – Во законот има недоречености и без да биде изменет не може да се спроведе ефикасно. Ова е еден од важните правни проблеми што мора да ги решиме за да се приближиме кон европското законодавство. Ставени сме во ситуација да имаме надлежности, а да не може да ги решаваме барањата на граѓаните за заштита на ова право. Донесовме правно мислење за проблемот и го известивме Министерството за правда дека се неопходни измени на законот – вели Дане Илиев, претседател на Врховниот суд. |
Законот предвидува тие што сметаат дека надлежниот суд им го повредил правото на судење во разумен рок да имаат право да поднесат барање за заштита на тоа право пред повисок суд. Тој треба да постапи по барањето во рок од шест месеци. Ако се утврди повреда, се досудува праведен надомест. Според правното мислење на Општата седница на Врховниот суд, во Македонија не постои закон со кој е утврдена постапка за одлучување за вакви барања. Во законот не е посочено кој е повисокиот суд, во каков состав ќе одлучува во прв степен, не е одредено правото на жалба против првостепеното решение, кој суд одлучува по жалбите и во кој состав. Не е одредено ни во кој рок по правосилноста на пресудата странката што не е задоволна од предолгото траење на процесот може да поднесе барање за заштита на правото на судење во разумен рок до надлежен суд. Не е одредено ни која е спротивната страна во постапката и кој ќе ја застапува. Според Врховниот суд, спротивната страна би требало да биде државата Македонија. За Врховниот суд е спорно и што законот предвидува надоместот за утврдена повреда на правото на судење во разумен рок да падне на сметка на Судскиот буџет. Судот смета дека тој надомест би требало да падне на товар на државниот буџет. Судскиот буџет не е правно лице и не може да биде странка во судска постапка. – Тоа би било кадија те тужи, кадија те суди. Која странка ќе верува на досудената сума ако трошокот паѓа на судскиот буџет? – вели Илиев.
Извор: Дневник |