04.09.2007 Владата мора да даде отчет колку пари ќе потроши за кампањата „Македонија без корупција“ бидејќи скапите спотови ги плаќаат граѓаните, бараат опозицијата и дел од невладините организации откако премиерот Груевски завчера објави почеток на нова неколкумесечна кампања без да каже колку ќе чини таа.
– Една од причините зошто Македонија е на 104-то место на листата најкорумпирани држави е токму неодговорноста на Владата за тоа колку чинат владините кампањи, кои граѓаните ги плаќаат од свој џеб. Не случајно, тоа е и дел од забелешките на ЕУ. Апсурдно е што од една страна Владата ги охрабрува граѓаните да пријавуваат случаи на корупција, а од друга страна премиерот не пријавува колку ќе чини кампањата. |
Тоа предизвикува сомнежи во намерата на Владата вистински да се справи со корупцијата – изјави Емилијан Станковиќ, портпарол на СДСМ. Познавачите велат дека само изработката на агенцијата чини околу половина милион евра. Цената на телевизиските спотови се проценува на околу 200.000 евра.
Мирјана Димовска, претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата, одби да го коментира одбивањето на премиерот да ја каже цената на кампањата. – Оваа кампања е дел од осмислената антикорупциска борба. Тоа е стратегиски планиран процес од кој дел е и комисијата. Очекуваме големи ефекти – изјави Димовска.
Премиерот Никола Груевски завчера најави неколкумесечна медиумска кампања за издигање на јавната свест кај граѓаните и нивна општа мобилизација за борба против корупцијата. Тој го избегна одговорот колку пари од буџетот ќе се потрошат. – Износите што нема да ги земаат корумпираните лица, а кои треба да влезат во државната каса се многу поголеми од цената на кампањата – изјави Груевски.
Рекламниот дел од кампањата го изработи медиумската куќа „ Футура“. Во серија од шест телевизиски спота како синоним за корупција се појавува македонскиот граѓанин Стојче Стојчевски, кој како цариник, доктор, полицаец, професор, судија и политичар добива „оскари“ за подмитливост. Ова е трета голема кампања што ја прави Владата без да даде отчет колку тоа ќе чини. И покрај инсистирањата, нема информација за тоа колку Владата ги плати рекламите во странските медиуми за кампањата „Инвестирајте во Македонија“ и колку чинеше промоцијата на Министерството за финансии за безготовинското плаќање. За оваа кампања СДСМ поднесе претставка до антикорупциската комисија. Одговор не добиле.
Извор: Време |