24.10.2007 Компјутерски ќе се „решава“ кој судија ќе суди некој случај, ако Собранието го усвои предлогот на законот за судска служба што го подготви Министерството за правда. Со овој закон судската администрација се издвојува од државната, а се уредува прашањето на платите на судските службеници, што беше причина за нивниот штрајк во мај годинава. Во Синдикатот велат дека законот не ја подобрува состојбите со платите. |
Само кога постои законска обврска за изземање судија од некој предмет, на пример, поради крвно сродство со некоја странка, претседателот ќе одлучува кому ќе му го даде предметот. – Информатичката технологија ќе овозможи и поврзување на судовите, а вкупната работа на судството преку Врховниот суд ќе се слева во информатичкиот центар на Министерството за правда, а тоа ќе им биде достапно и на другите правосудни институции – обвинителството, академијата за обука на судии и обвинители, затворите – вели Ѓеорѓиевски. Планирано е да се формира комисија за управување со движењето на предметите. Таа треба да ги детектира тесните грла во судовите во однос на нивната ажурност и да придонесе за надминување на проблемот со заостанатите предмети. Комисијата ќе ја анализира состојбата со приемот, процесуирањето и решавањето на предметите и во случај на заостаток ќе изнаоѓа решенија. Новина ќе биде и изменетиот статус на судската администрација, која ќе се издвои од државната администрација. – Ќе се воведе и системот на кариера, односно на можноста судските службеници да бидат унапредувани доколку покажат резултати во работата или се дообразуваат. Законот за државни службеници тоа не го овозможуваше – вели Ѓеорѓиевски. Во рамките на Врховниот суд ќе се формира Судски административен совет кој ќе одлучува по жалби на судската администрација – Во законот се регулираат платите на судските службеници, но прашањето за нивното покачување се реши претходно со одлуката на Владата за зголемување на платите на целата администрација постапно во наредните три години. Во законот бодовите на судската администрација остануваат исти како во законот за државни службеници, а нив годишно ги утврдува Владата. Текстот на законот го дадовме на синдикатот на УПОЗ и очекуваме нивни забелешки и сугестии – вели директорот Ѓеорѓиевски. Генералниот секретар на синдикатот на УПОЗ, Пеце Груевски, вели дека со законот не е направено ништо за подобрување на финансиската состојба на судската администрација и другите вработени во судовите. – Не бевме консултирани при подготвување на законот. Во Министерството за правда ни рекоа забелешките да ги дадеме како амандмани, но дека одлука на Владата ќе биде дали тие ќе бидат прифатени. Инаку, законот во делот на платите не е добар. И покрај штрајковите и ветувањата, не е направено ништо. На пример, со законот за плати на судиите е решено тие да добиваат хранарина од околу 3.500 денари, а во предложениот закон за судска служба е посочено дека судската администрација, обичните смртници, кои и така имаат ниска плата, ќе зема околу 2.300 денари за истата намена. Се прави нееднаквост што може да ги влоши меѓучовечките односи – вели Груевски.
Извор: Дневник |