20.12.2007 Измамата и злоупотребата на службената положба се најчестите коруптивни дела по кои постапувале судовите во изминатите две и пол години. Во најголем број случаи, судењата се воделе против вработени на граничните премини од редовите на полицијата и на цариниците, покажало истражувањето на коалицијата Сите за правично судење и на Транспарентност-нулта корупција, финансиски поддржано од ОБСЕ. Истражувањето покажало и дека нема процес за дело од областа на корупцијата, кое не било одложувано и дека изречените казни се минимални.
Во прилог е брошурата од проектот
Потреба_од_следење_на_судски_предмети_од_областа_на_корупција 210.36 Kb
– Од 24 дела во Кривичниот законик опфатени со дефиницијата за корупција, пред нашите судови се јавуваат само 11. Од евиденциите на 14 кривични судови, меѓу кои не е и најголемиот Основен суд Скопје 1, се гледа дека се регистрирани 220 вакви предмети од кои 158 се со правосилна пресуда, а 62 се во работа. Најголемиот дел од корупциските предмети се во судовите што ги покриваат граничните области, како што се кочанскиот, кривопаланечкиот, делчевскиот, струшкиот и струмичкиот суд, а интересно е што во набљудуваниот период немало ниту една такво дело во тетовскиот суд – рече Славица Димитриевска, координатор на проектот на вчерашната презентација на резултатите од истражувањето.
Истражувањето покажало дека поминуваат повеќе години од извршувањето на делото до неговото откривање што овозможува да се уништат доказите. Од поднесување на обвинението до почнувањето на судската постапка минуваат 6 до 9 месеци, а како причина за одложувањето на рочиштата се наведува неуредната достава, недоаѓањето на обвинетите и на сведоците и смисленото одложување од страна на адвокатите. Во речиси 70 отсто судењата за вакви дела завршуваат со прогласување на обвинетите за виновни, но изречените казни се мали и најчесто се движат од 3 месеци до една година и условните казни. Биле изрекувани и парични казни од 2.000 до 70.000 денари.
– Корупцијата е навлезена во сите области на општествениот живот и секогаш се јавува во нови облици. Најбитно е да се подигне свеста на јавноста дека борбата против корупцијата е заедничка работа – рече професор Љупчо Арнаудовски, член на УО на коалицијата.
Претседателката на Транспарентност-нулта корупција, Слаѓана Тасева, рече дека претходното вакво истражување покажало оти најголем дел од ваквите случаи се губат на патот МВР – Обвинителство – Суд.
Извор: Дневник